„Русија останува најсериозна закана за безбедноста на Бугарија и Европа. Постапките на Путин покажуваат дека тој не е заинтересиран за мир“. Ова го изјавила заменик-генералната секретарка на НАТО и поранешна министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, пренесоа дел од бугарските медиуми.
Зборовите на Шекеринска беа изнесени за време на јавно предавање во Централниот воен клуб, организирано од Атлантскиот клуб на Бугарија и Асоцијацијата на резервни офицери.
Настанот го отвори почесниот претседател на Атлантскиот клуб, Соломон Паси, кој ѝ го честиташе националниот празник на Македонија со тоа што ѝ подари букет цвеќе на Шекеринска. Паси истакна дека само четири години по влегувањето во НАТО, Македонија успеа да ја предложи првата жена заменик-генерален секретар на алијансата од Европа.
На почетокот од својот говор, Шекеринска рече дека со оглед на нејзината локација на Црното Море, Русија останува „најдиректна и долгорочна закана“ за безбедноста на Бугарија.
„Со оглед на стратешката локација на Бугарија на Црното Море, не ви треба јас да ви кажам дека Русија останува најдиректна и долгорочна закана за безбедноста. Гледаме дека Русија продолжува со нападите врз украинските домови, училишта и болници. Само пред два дена, Русија го започна својот најмасовен напад врз цивилната инфраструктура на Украина, со над 800 беспилотни летала, покажувајќи дека Путин не е заинтересиран за мир“, рекла заменик-генералната секретарка.
Таа го истакнала учеството на бугарските војници во мировните мисии на НАТО во Косово, Ирак и иницијативата за расчистувањето на мини во Црното Море.
Шекеринска изјавила и дека НАТО се бори да ѝ обезбеди на Украина сè што ѝ е потребно за да се одбрани денес и да ја одврати руската закана во иднина.
Заменичката генерална секретарка ја изрази својата благодарност до Бугарија за воената помош што му ја дава на Киев од почетокот на руската агресија.
„Без разлика како ќе заврши војната, Русија ќе остане дестабилизирачка сила, па затоа треба да инвестираме и да трошиме повеќе за нашата безбедност и одбрана“, порачала Шекеринска.
Таа ја поздравила одлуката на Бугарија да почне да одвојува 5% од својот БДП за одбрана. Според Шекеринска, ова е огромен напор не само од страна на владата, туку и од страна на општеството.