Вишиот суд во Подгорица издаде наредба за издавање меѓународна потерница за македонскиот државјанин Андреј Танасковски (18), откако тој се обиде да го убие криминалниот бос Марко Љубиша – Кан (56) во Будва на 7 август годинавва.
Според истрагата, Танасковски му се приближил на Кан додека тој бил покрај базенот во хотелот „Маестрал“ во Будва и испукал најмалку два куршума кон него од пиштол.
Еден куршум го погодил жителот на Будва во главата, но тој преживеал и по болничкото лекување бил пуштен на домашно лекување. Напаѓачот тогаш избега од местото на настанот и оттогаш е во бегство и недостапен за органите на прогон.
Полицијата по овој настан објави дека Танасковски користел фалсификувана српска лична карта на име Јован Галиќ, роден во 2006 година, со цел да го скрие својот идентитет и да остане незабележан на територијата на Црна Гора.
– Против А.Т. е поднесена кривична пријава за обид за убиство, нелегално поседување оружје и фалсификување документи. Во тек е интензивна потрага и соработка со меѓународни партнери – претходно објави полицијата, пишува подгоричка.
На предлог на тамошното Вишо јавно обвинителство, на бегалецот Танасковски му е одреден притвор во отсуство и е покрената постапка за издавање меѓународна потерница.
Марко Љубиша – Кан и претходно бил цел на напади, а последниот потсети на повеќегодишните судири на црногорските криминални групи.