Претседател на СДСМ, Венко Филипче, преку својот профил на Фејсбук упати јавна реакција за пожарот во фабрика за акумулатори во Трубарево и за потенцијалната опасност по здравјето на граѓаните, се вели во соопштението од СДСМ.
„Институциите итно мора да излезат со точни податоци дали и колку е загаден воздухот во и околината на Трубарево. Страшен е молкот и доцнењето во препораките, особено од здравствените власти“, напиша Филипче.
Тој предупреди дека дел од информациите укажуваат на горење на литиумски батерии и друг опасен отпад.
„Загрижувачки се дел од информациите кои пристигаат дека горат литиумски батерии и друг отпад кој е исклучително опасен“, рече Филипче.
Во исчекување на официјални информации, Филипче упати конкретни совети до граѓаните во погодените подрачја:
„Препорачувам граѓаните во Трубарево и околните населби да носат маски, да не престојуваат на отворено без итна потреба и да земаат антиоксиданси за превенција“, истакна тој.
Филипче ја осуди и реакцијата на надлежните институции, нарекувајќи ја „неодговорна и апсурдна“.
„Апелирам до властите – крајно е неодговорно да се молчи во вакви случаи. Исто така е крајно неодговорно наместо решенија, одговорните да измислуваат приказни за хибридни напади, политички потпалени пожари и слично. Ова е надвор од секој здрав разум“, посочи Филипче.
ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните многу добро паметат дека токму во времето на СДС и Филипче Македонија се претвори во најзагадена точка во Европа
Кога Венко Филипче зборува за „молк на институциите“, тоа звучи како лоша шега. Човекот кој како министер дозволи здравствениот систем да колабира, кој не обезбеди кислород во болниците и кој ги остави граѓаните без заштита во најтешките моменти, денес држи лекции за одговорност и грижа за здравјето, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, што МИА го објавува интегрално.
Граѓаните многу добро паметат дека токму во времето на СДС и Филипче Македонија се претвори во најзагадена точка во Европа, без план, без стратегија и без резултат. Фабриката за акумулатори во Трубарево и дивите депонии не паднаа од небо, тоа е наследство на криминалните политики на СДС и ДУИ.
Денес институциите реагираат одговорно и ќе излезат со прецизни информации, а истрагата ќе покаже како дошло до пожарот. Но уште еднаш се поставуваат прашањата:
1. Како тоа баш пред избори почнуваат да „горат“ фабрики и депонии?
2. Дали зад тоа стојат организирани структури блиски до поразената власт кои сакаат да создадат хаос и страв кај граѓаните?
Наместо Филипче да им држи предавања на скопјани, подобро е да им се извини за сето сторено во неговото време и за сите здравствени, еколошки и национални порази.
Вистинската еколошка катастрофа и вистинската опасност за здравјето и безбедноста на граѓаните се викаат СДС и ДУИ.