Мицкоски гледа диверзија во пожарите и треба да каже кои се тие „центри на моќ“: „Ако алудира на Европа, тогаш тоа е порака дека сака да се прикаже како жртва на „големите сили“ кои не му дозволуваат успех“

„Центри на моќ“ или „старо купуем“ се виновници за пожарите? „Главното прашање е дали има координација во Владата, второстепено е дали има координирана „хибридна војна“

од Nikola Popovski
77 прегледи Фото: Официјален Фејсбук профил на Христијан Мицкоски

„Очигледно е дека некој има интерес од ваквата ситуација во државата со пожарите, но тие луѓе кои го прават ова, ќе бидат поразени“. Премиерот Христијан Мицкоски со порака од Трубарево каде што изгоре складиште за електронски отпад. Според шефот на Владата вакви работи ќе се случуваат и нема да престанат. „Вакви подметнувања и диверзии ќе има. Затоа што има центри на моќ кои не сакаат оваа влада да успее. Тие ќе продолжат да подметнуваат, ќе продолжат да лешинарат, а ние ќе продолжиме да се бориме и на крај ќе победиме“, изјави премиерот. За разлика од него, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски со свој став за дел од пожарите, особено за оној на депонијата Вардариште.

„Среде депонија живеат над 200 луѓе. Страшно е од секој аспект, страшно е. Индициите се дека потпалувањата се сторени од мал дел од тие луѓе. Не можеме да го ограничиме правото на пристап на тие луѓе во Вардариште, овој проблем е таложен со години не може да го решиме тој проблем за една недела. Тие луѓе треба да бидат дислоцирани, местото да се исчисти, отпадот да се однесе на друга локација “, рече вчера Тошковски.

„Центри на моќ“ или „старо купуем“

За дел од јавноста е дискутабилно дали навистина се работи за хибридни напади или пак за „старо купуем“. Политичкиот аналитичар и новинар, Дритон Зенку оценува дека против Македонија постојат влијанија и притисоци кои може да се наречат „хибридна војна“, но, истакнува дека кога Мицкоски го користи терминот, не прецизира кои се тие „центри на моќ“.

-Реално, многу е поблизок со триото Орбан–Вучиќ–Додик, кое е токму извор на вакви хибридни влијанија во регионот, а не со западните центри. Ако алудира на Европа, тогаш тоа е порака дека сака да се прикаже како жртва на „големите сили“ кои не му дозволуваат успех, вели Зенку за „Локално“.

Дритон Зенку

По обвинувањата од власта, Зенку истакнува дека СДСМ и ДУИ се уште служат како вечен внатрешен непријател во реториката на ВМРО-ДПМНЕ.

-Иако одамна не се на власт ниту на централно, ниту во повеќето општини, тие се користат како оправдување за секоја криза или проблем. Изјавите од типот „Идризово е блиску до Трубарево“ не се само правни предупредувања – тоа се јасни политички пораки за гласачите: „ние сме силни, тие ќе завршат во затвор“. Значи, повеќе се партиска реторика за мобилизација отколку реална закана, наведува Зенку.

Соговорникот истакнува дека суштината е едноставна – ова е класична предизборна стратегија – ширење страв, создавање непријатели, говор за заговори.

-Прашањето е колку долго граѓаните ќе ја купуваат оваа приказна кога реалноста секојдневно ја побива, посочува Зенку, додавајќи дека власта е исплашена за својата „огромна победа на изборите во Скопје“ по настаните изминатиот викенд.

-Се гледа нервоза. „Големите победи“ во Скопје беа продадени како историски успех, но последните настани – од депониите, пожарите до хаосот во менаџирањето – ги оголија слабостите. Мицкоски знае дека Скопје е витрина: ако таму се покаже неспособност, целата нарација за „успех и промена“ паѓа во вода. Затоа ја префрла темата кон „надворешни непријатели“ и „внатрешни предавници“, со закани и страв за да го задржи електоратот мобилизиран, заклучува аналитичарот.

Од друга страна, дел од јавноста оценува дека во јавниот дискурс во Македонија често се користи терминот „хибридна војна“ за мешавина од дезинформации, медиумски влијанија, економски и политички притисоци. Политичкиот аналитичар Бесим Небиу во разговор за „Локално“ забележува дека премиерот Мицкоски зборува за „центри на моќ“ кои дејствуваат против државата и неговата влада, додека министерот Тошковски (иако формално е дел од владата) има малку поразлична реторика, со што всушност ја разлабавува нарацијата.

Бесим Небиу/Фото: Принтскрин

-Ова покажува дека дури и во рамки на владејачката структура нема усогласен став и наратив, Оттаму дали дали навистина постои таква координирана „војна“ станува второстепено прашање – главното е дали има координиција во Владата, вели Небиу.

Запрашан колку изјавите од ВМРО-ДПМНЕ упатени кон СДСМ од типот „Идризово е блиску до Трубарево“ се реални закани, а колку политичка реторика за мобилизација, аналитичарот посоува дека тоа се пред сè „пораки за задоволување на сопственото гласачко тело и партиската структура – симболична реторика која создава впечаток дека ќе има „правда“, но повеќе како политички театар отколку како реална закана“.

-Владата веќе го потроши времето кога можеше да ја префрла вината врз претходниците – граѓаните очекуваат резултати, а не изговори, потенцира Небиу.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче повика на сите жители на Трубарево да им се овозможи медицински преглед. Смета дека е потребно и зголемување на безбедносната зона, лабораториски анализи на воздухот, почвата и водата и транспарентна истрага. СДСМ го впери прстот кон актуелната власт. Ја обвини дека потфрлила во справувањето со пожарот.

Министерот за животна средина, Изет Меџити негира дека додека гореше во Трубарево, терал партиска кампања. Посочи дека како министер не е дел од управувачкиот комитет за справување со кризи и дека цело време бил во координација со владиниот кризен штаб и инспекторатот за животна средина.

-Во време кога Скопје мирисаше на изгорена пластика, на батерии и електронски отпад, а граѓаните стравуваа за сопственото здравје, на Изет Меџити му беше најважно да пренесува во живо партиски настан во Чаир, како ништо да не се случува, реагираа од ДУИ. Од Мала Речица го обвинија Меџити дека не покажал грам одговорност кон целата ситуација и кон позицијата којашто му е доверена.

-Власта свесно измислува виновници за да ја прикрие својата неспособност, велат од ДУИ.