Осум години бев активен член на Советот на Градот и имав можност одблизу да ги согледам проблемите со кои се соочува главниот град. Тоа искуство ми дава самодоверба и сигурност да понудам конкретни решенија за јавните претпријатија, урбанизмот, транспортот и чистотата, вели во интервју за „Локално“, кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Александар Трајановски за неговите амбиции и каде доаѓа предизвикот да застане на чело на градската администрација.
Членот на ГРОМ, со поддршка на коалицијата предводена од неговата партија и ЛДП, посочува дека коалицијата со либералите на Моника Зајкова е резултат на заеднички вредности и визија за развој на Скопје.
-Не се работи за партиски калкулации, туку за обединување околу идеи и решенија кои се над политичките поделби, истакнува Трајановски.
Според него, проектот „Скопје 2014“ е слика на нашата поделеност, а тоа што и после 11 години во срцето на градот ни висат скелиња и недовршени фасади е само показател колкава е деструктивната моќ на некои политички центри. Смета дека градот има спас, но само ако се води со визија, план и посветена работа тука секако мора да го напоменеме и континуитетот.
-Се ќе беше поинако доколку имаше дијалог и компромис. Иако сите сметаат дека одговрноста е исклучиво кај Арсовска, јас сепак би го посочил неодговорното однесување на мнозинството во Советот на Град Скопје, односно ВМРО-ДПМНЕ. Неоправдано е да ја саботирате и блокирате програмата и проектите за кои сте ја добиле довербата од граѓаните, вели Трајановски запрашан што смета дека можеше да се направи подобро во годините на владеење на градоначалничката Данела Арсовска и кај кого е вината за тоа што му се случуваше на градот.
Доколку стане градоначалник и ја добие довербата од граѓаните на изборите, вели дека приоритет во првите месеци ќе му биде хигената во градот. Паралелно со хигиената, најавува дека веднаш ќе се зафати со решавање на јавниот превоз.
Коалицијата предводена од ЛДП и ГРОМ ве номинираше за свој кандидат за градоначалник на Град Скопје. Како ја доживувате таа чест и одговорност пред граѓаните на главниот град? Кој е предизвикот и целта поради која се нафаќате по 8 години активно работење во Советот на Град Скопје?
-Оваа номинација ја доживувам како голема чест и уште поголема обврска и одговорност кон граѓаните на Скопје. Осум години бев активен член на Советот на Градот и имав можност одблизу да ги согледам проблемите со кои се соочува главниот град. Тоа искуство ми дава самодоверба и сигурност да понудам конкретни решенија за јавните претпријатија, урбанизмот, транспортот и чистотата. Моја цел е Скопје да добие конкретни решенија, нова енергија и современи политики кои ќе обезбедат подобар и поквалитетен живот за сите граѓани.
Член сте на партијата ГРОМ. Од каде идејата за заедничко коалицирање и настап со ЛДП на изборите? Дали можеби дека сте дел од опозицискиот блок, фактот дека лидерот на вашата партија Стевче Јакимовски порано беше дел токму од либералите или нешто трето е во прашање?
-Коалицијата со ЛДП е резултат на заеднички вредности и визија за развој на Скопје. Не се работи за партиски калкулации, туку за обединување околу идеи и решенија кои се над политичките поделби. Впрочем, Скопје страда од политичката поделба. Верувам дека ова е начин да им се понуди на граѓаните нова, кредибилна опција која нуди транспарентно управување и реални резултати, базирана на искуство и секако докажани резултати
Дали на главниот град „му има спас” после сите катастрофи кои ги доживеа изминативе децении, почнувајќи од Скопје 2014, преку огромниот број неплански градби до пренаселеност и генерална некултура?
Прво не сметам дека Скопје 2014 е катастрофа за градот, но е еклатантен пример за тоа колку нашето општество и град е жртва на политичките поделби и партиски интереси. Скопје 2014 е слика на нашата поделеност, а тоа штo и после 11 години во срцето на градот ни висат скелиња и недовршени фасади е само показател колкава е деструктивната моќ на некои политички центри. Скопје има спас, но само ако се води со визија, план и посветена работа тука секако мора да го напоменеме и континуитетот. Урбаниот хаос, неконтролираната градба и лошото управување со јавните претпријатија оставија сериозни последици. Верувам дека со системски пристап, со транспарентно управување и со вистинска грижа за животната средина можеме да изградиме град што ќе биде гордост, а не проблем за своите жители.
Три години бевте дел од градската администрација односно како заменик на градоначалничката Данела Арсовска. Кон крајот на февруари истакнавте дека „не сакате да бидете повеќе заменик-градоначалник на Сарај и обвинивте дека сите ресурси на градот се насочени кон оваа општина, на штета на останатите делови на Скопје“. Дополнително, посочивте дека „градското раководство системски врши мобинг и репресија врз вработените, стопанствениците и инвеститорите“. Какво искуство имате и носите од работата во се уште актуелната власт во Градот Скопје?
-Функцијата заменик-градоначалник не е дел од администрацијата, туку од Советот на Град Скопје. Тоа е функција која нема никакви овластувања, ингеренции и дополнителен фининсиски терет за градот, а јас ја прифатив исклучиво за да помогнам и да го дадам мојот придонес. Го вложив моето знаење и искуство за да се надмине разиденоста во советот, да можеме да имаме функционални програми, конкретни решенија за проблемите и за да се направи нешто во интерес на граѓаните. Овие четири години се најдушманските години за Град Скопје и граѓаните, преовладуваше политичкиот инает, а не интересот и потребите на граѓаните. Оставката ја поднесов затоа што увидов дека ниту се бараат, ниту нудат решенија. Едноставно не сакав да учествувам во деструктивноста.

Фото: Принтскрин/Јутјуб
Што сметате дека можеше да се направи подобро во годините на владеење на Арсовска и кај кого е вината за тоа што му се случуваше на градот во мандатот што изминува?
-Се ќе беше поинако доколку имаше дијалог и компромис. Иако сите сметаат дека одговoрноста е исклучиво кај Арсовска, јас сепак би го посочил неодговорното однесување на мнозинството во Советот на Град Скопје, односно ВМРО-ДПМНЕ. Неоправдано е да ја саботирате и блокирате програмата и проектите за кои сте ја добиле довербата од граѓаните. Мнозинството во советот одлучи да и служи на партијата, а не на граѓаните, тоа мора да биде казнето на претстојните локални избори. За мене е несериозно, нелогично и неприфатливо, ВМРО-ДПМНЕ кое беше изворот и причината за проблемите на градот и девастирањето на јавните претпријатија преку управните и надзорните одбори да се нудат како решение и победник.
Од каде би почнале, доколку бидете избрани за градоначалник на Скопје, за да почнуваат да се подобруваат состојбите во Градот?
-Приоритет за мене во првите месеци секако ќе биде хигената во градот. Системот за третирање и собирање на отпадот кој датира од минатиот век мора да биде сменет. Повеќе од јасно е дека капацитетите на „Комунална Хигиена“ во моментов не можат да одговорат на потребите на градот. Имаме конкретно решение за овој проблем.
Паралелно со хигиената веднаш ќе се зафатиме со решавање на јавниот превоз. Ни недостасуваат најмалку 200 нови автобуси. Набавка на нови еколошки автобуси и одглавување на проектот БРТ- бас рапид транзит, се очајно потребни и секако приоритет.
Обнова на водоводната инфраструктура исто така е еден од главните приоритети. Секој втор литар вода од изворот Рашче не завршува во чешмите на скопјани. Губиме 50% од водата во дотрајаната мрежа и старите цевки, а само 9% се однесува на кражба на вода. Постојат современи методи за санација на водоводната мрежа со кои само за една година ќе ја преполовиме загубата на вода.
Темата со дивоградбите во Скопје, која е особено актуелна во пресрет на локалните избори, ја отвори токму Арсовска, која јавно објавуваше документи и, според нејзините зборови, на територијата на Општина Чаир бесправно се граделе преку 150 објекти за три години. Градоначалничката и лично беше нападната при „лов“ на бесправни објекти. Ваше мислење за целата оваа ситуација во главниот град? Дали сметате дека наместо општините, Градот треба да ги преземе инспекциските служби во Скопје за да спречи диво градење?
-Дивоградбите се еден од најголемите проблеми што го уништуваат урбаниот развој на Скопје и другите градови. Сведоци сме дека државниот градежен испекторат и општините не можат или пак не сакаат да се справат, тогаш Градот мора да ги преземе инспекциските служби со цел да обезбеди вистинска контрола. Потребна е јавна база на сите дозволи и построги мерки за да се спречи урбанистичкиот хаос.
Сообраќајниот хаос и јавниот превоз се само едни од најголемите проблеми во Скопје. Како планирате нивно решавање? Дали можеби, на пример, проектот БРТ сметате дека треба да добие поддршка и претставува вистинска опција за градот?
-Ќе воведеме модерен систем на јавен превоз кој ќе биде првата опција за граѓаните, а не последна. Погоре веќе спомнав дека јавниот превоз ќе биде наш приоритет. Навистина е нарационално 70 милиони евра да седат на наменска сметка, тоа се пари за кои се плаќаат камати, а проектот се блокира за партиски цели. На Скопје му фалат 200 автобуси, ако мнозинството во советот беше рационално до сега нови автобуси ќе возеа по градските улици. Затоа сметам дека и набавка на нови автобуси и отпочнување на проектот БРТ се повеќе од неопходни. Впрочем и втората фаза од БРТ предвидува набавка на околу 60 нови електрични автобуси.
Иако веќе се ближи есенскиот период кога загадувањето на воздухот вообичаено е еден од најголемите проблеми, градов веќе се соочуваше со труење по палењето на депониите во Дрисла, Вардариште, но и хаваријата во Трубарево. Како гледате на ова? Каква е вашата замисла за овој, можеби и најголем предизвик за Скопје, иако сите депонии не се под надлежност на градската администрација?
-Ова е комплексно прашање кое бара ангажман и посветеност од повеќе институции, не само од Град Скопје. За жал, сведоци сме дека нашите институции се бават со последиците, а не со превентивната заштита. Едноставно мора повторно да го наметнеме прашањето за комунална полиција доколку сакаме на граѓаните да им понудиме превентивно решение, вистинска борба со загадувачите на животната средина, и секако измени на законот за извршување на санкции.
Казните за загадувачите мора да бидат поголеми, а нивното процесурање да биде експресно и ефикасно.
Дополнително, загадувањето мора да се третира постојано и во периодот од годината кога не е толку видливо и присутно.
Н.П.