Скопје 2014 е слика на нашата поделеност, а тоа штo и после 11 години во срцето на градот ни висат скелиња и недовршени фасади е само показател колкава е деструктивната моќ на некои политички центри. Скопје има спас, но само ако се води со визија, план и посветена работа тука секако мора да го напоменеме и континуитетот, вели кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Александар Трајановски за тоа дали на главниот град „му има спас” после сите катастрофи кои ги доживеа изминативе децении, почнувајќи од Скопје 2014.
Тој во интервју за „Локално“ истакнува дека не смета како Скопје 2014 е катастрофа за градот, но е еклатантен пример за тоа колку нашето општество и град е жртва на политичките поделби и партиски интереси.
-Верувам дека со системски пристап, со транспарентно управување и со вистинска грижа за животната средина можеме да изградиме град што ќе биде гордост, а не проблем за своите жители, истакнува Трајановски.