Според косовскиот аналитичар Фадиљ Љепаја,во Хаг нема судење против ОВК ниту против нејзината ослободителна борба и борбата на народот на Косово против стогодишната окупација од страна на Србија. Смета дека предмет на судењето се четворица високи функционери на ОВК кои се осомничени и гонети за наводни злосторства против цивили и политички противници.
Аналитичарот лично се надева дека ќе се утврди дека овие злосторства не се извршени, туку дека биле дел од кампања оркестрирана однадвор. Сепак, дури и да се случи спротивното, Љепаја не верува дека тоа би имало експлозивен или дестабилизирачки ефект врз регионот.
-Таквото сценарио би можело да добие пошироко значење само ако во позадина постои некаква претходно договорена агенда за продолжување на планот за промена на границите, како што медиумите постојано сугерираат, наведувајќи дека таков договор претходно бил постигнат меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, со учество на други регионални и глобални фактори.
Во таа смисла, не мислам дека која било одлука на овој суд би имала значајни последици за регионот. Лицата кои се во судот долго време не се дел од политичкиот живот на Косово, ниту пак учествуваат во регионалните политички трендови, додава соговорникот од Косово во разговор за „Локално“.