Џигал: Потребата од „крвави лица“ и фотомонтажи е пример за визуелна и емоционална пропаганда со цел да создадат силни реакции кај публиката и да се засили партиската реторика

Дали допрва партиите ќе ја објават „тешката артилерија“: Ризикот од медиумски манипулации е висок, веројатно граѓаните ќе бидат изложени на масовно „информациско загадување“

од Nikola Popovski
53 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Агенда 35

Навреди, нетрпение, осуда…тоа е она што често може да се види на партиските говорници, прес конференции, па и во парламентот. На стартот на секоја изборна трка, на бонтонот се чини дека се заборава. Како се топат деновите до избори, се вжештува и реториката. Партиите бетонирани во сопствените ровови, ја подготвуваат тешката артилерија. Ќе напаѓаат со проекти, но ќе се бранат и од „црната кампања“ на противникот. Хибридна војна, центри на моќ, крвави лица и обвинувања за одговорноста за трагедијата во Кочани…Есенва ќе биде една од најзначајните битки кои се воделе на локално ниво.

Дали се нагласени штетните наративи во нивните изјави? Ќе успеат ли да се воздржат од навреди еден кон друг? За дел од експертската јавност, веќе сме сведоци дека неформалниот дел од предизборната кампања е во полн ек и дека се одвива во амбиент на силна медиумска поларизација и со употреба на хибридни информативни тактики. Според комуникологот, Сеад Џигал, потребата на „крвави лица“ и фотомонтажи е пример за визуелна и емоционална пропаганда со цел да создадат силни реакции кај публиката и да се засили партиската реторика во свеста на јавноста.

-Ваквите тактики се дел од пошироката стратегија на т.н. информациско војување, каде медиумските напади, дезинформации, ад-хоминем напади и слични активности се користат да се еродира довербата во институциите и да се мобилизираат сопствените поддржувачи преку страв или нетрпеливост кон политичкиот противник. Проблем е што овие методи на некој начин се нормализирани, така што оние кои ги употребуваат сега, мислат дека е тоа е во ред бидејќи и нивните противници истото го прават или го правеле кога биле опозиција, вели Џигал во разговор за „Локално“.

Според соговорникот, ако по утрото се познава денот, навистина може да се очекува бескрупулозна кампања во која ќе доминираат агресивни пораки, негативен ПР, внимателно одбрани „протекувања“ на компромитирачки снимки и слично.

Фото: Локално

-Во отсуство на подобри регулаторни механизми и со медиумски систем кој е длабоко политизиран, ризикот од медиумски манипулации е висок. Веројатно граѓаните ќе бидат изложени на масовно „информациско загадување“ и ќе биде многу тешко да се разграничи што е факт, а што измислица на ПР машинериите на партиите, истакнува соговорникот.

Комуникологот истакнува дека поголемите партии имаат на располагање ресурси за вакви ПР операции особено кога се дел од власта. Смета дека со вешто управување на наративите кои се засилуваат во медиумите и на социјалните мрежи, во теорија може да се пренасочи јавната перцепција дури и по серија трагедии и кризи. Џигал посочува дека во кризниот ПР тоа најчесто се прави преку пренасочување на вината и одговорноста, фокусирање на „позитивна агенда“ и создавање впечаток на посветено работење и напредок.

-Меѓутоа, ваквиот обид за ресетирање на јавното мислење многу зависи од два критични фактори: капацитетот за дисциплинирано и координирано медиумско влијание без грешки и од подготвеноста на јавноста да прифати некаква нова нарација по период на трауми. Во наши домашни услови тоа е многу тешко изводливо и веројатно одредена цена во политичката поддршка мора да биде платена. Секако за да имате добар ПР тој мора да се базира макар на нешто минимално опипливо и видливо што е корисно и добро за граѓаните. Без ова ПР-от останува само гола пропаганда, заклучува Џигал.

„Крвави лица“ и фотомонтажа

ВМРО-ДПМНЕ реагира на, како што велат, срамниот, злонамерен и монструозен обид за политичка злоупотреба на трагичните настани во Кочани преку дистрибуција на фотомонтажи со „крвави лица“ и лажни обвинувања кон претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и директорот на БЈБ, Александар Јанев.

„Овие содржини беа објавени на интернет страницата ubijcitenakocani.com. Според јавниот WHOIS-извештај објавен на whois-страницата, доменот е регистриран вчера, на 16.9.2025 година. Од WHOIS-записот не се гледаат јавни детали за вистински регистрант или за крајни сопственици. Ова јавно отсуство на податоци, во комбинација со именуваните name servers и регистратор, укажува на обид за анонимност и за прикривање на вистинските нарачатели и сопственици на сајтот, што дополнително ги засилува сомнежите дека станува збор за намерна, организирана кампања, со цел политичка манипулација и сокривање на траси кон вистинските иницијатори“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Фото: Принтскрин

За ВМРО-ДПМНЕ, се додава, е јасно дека зад ваквите обиди стојат структури блиски до Венко Филипче и неговите инсталации, кои со години ја злоупотребуваат политиката и јавниот простор за лични и партиски цели.

„Патетеична и разочарувачка е кампањата на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски кои се обидуваат да се претстават како жртви во јавноста со морбидна кампања на ВМРО-ДПМНЕ“, реагираат од СДСМ. Посочуваат дека „ваквиот обид само ја покажува слабоста на оваа власт, која ниту има проекти, ниту пак нуди политики – се што понудија досега се лаги, манипулации и гола реторика. И секаде се фатени. Секоја лага им излезе на површина, затоа сега им останува само да се претстават како жртви“. Најавија кривична пријава доколку не дојде до извинување.

Хибридна војна и центри на моќ

„Очигледно е дека некој има интерес од ваквата ситуација во државата со пожарите, но тие луѓе кои го прават ова, ќе бидат поразени“. Мицкоски со порака од Трубарево каде што изгоре складиште за електронски отпад. Според шефот на Владата вакви работи ќе се случуваат и нема да престанат.

„Вакви подметнувања и диверзии ќе има. Затоа што има центри на моќ кои не сакаат оваа влада да успее. Тие ќе продолжат да подметнуваат, ќе продолжат да лешинарат, а ние ќе продолжиме да се бориме и на крај ќе победиме“, изјави премиерот.

Лидерот на СДСМ Филипче повика на сите жители на Трубарево да им се овозможи медицински преглед. Смета дека е потребно и зголемување на безбедносната зона, лабораториски анализи на воздухот, почвата и водата и транспарентна истрага. СДСМ го впери прстот кон актуелната власт. Ја обвини дека потфрлила во справувањето со пожарот.

Претходно, на прес конференција во Владата, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов уште еднаш ги повтори сомнежите за хибриден напад.

-Минути пред да се издигне густиот црн чад над Трубарево имавме дојава за пожар во семенара (погон за садници) во Кисела Вода и пожарникарски екипи се упатија таму. Веднаш потоа се случи пожарот во магацините за електричен отпад, вели Ангелов кој аргуменира со сликата од терен, а тоа е дека отпадот во Трубарево горел од неколку страни, пожарот бил со силна динамика и интензитет, нешто што не би се случило  од  самозапалување.

-Дека некој намерно пали увидов и во депонијата Дрисла, во линија од 50 метри невозможно е со самозапалување да настане пожар со толкав интинзитет. Лично сум убеден дека се работи за хибриден напад врз Владата, имаме пожари  во текот на целото лето, за жал тешко се обезбедуваат докази бидејќи тие горат со пожарите. Обемот и динамиката се несвојствени. Кога го средивме Вардариште се запали Дрисла, па депонијата во Шутка, па овој отпад, рече Ангелов.

Н.П.