Мециновиќ најавува нов Скопски саем и парк во Бутел доколку стане градоначалник

Идејата е саемот и паркот да функционираат како целина, како куќа на јавниот живот, вели Мециновиќ

од Nikola Popovski
29 прегледи Фото: Фејсбук/Официјален профил на Амар Мециновиќ

Амар Мециновиќ, кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на Левица, преку социјалните мрежи најави изградба на нов Скопски саем во северниот дел на градот, во Општина Бутел, покрај обиколницата и булеварот Христјан Тодоровски Карпош.

„Скопје го загуби саемот поради сите претходни власти кои не успеаја да ги зачуваат и надоградат капацитетите за новите генерации. Наместо тоа, денес тој простор е претворен во трговски центар, што ја одразува политиката на уништување на јавните простори за личен профит. Затоа новиот саем е од клучна важност, бидејќи повторно ќе овозможи простор за сите подеднакво – за култура, заеднички активности, образование и социјализација на скопјани“, истакна Мециновиќ.

Проектот предвидува изградба на изложбени хали со површина од 20.000 квадратни метри, конгресен центар за јавни собири и трибини, како и отворени простори за културни настани и заеднички активности. Според Мециновиќ, новиот објект ќе биде лесно достапен и ќе придонесе за создавање нов културен и економски пол во градот, кој ќе претставува противтежа на сегашната концентрација на економски и културни активности.

Покрај саемот, најавен е и голем парк, кој треба да стане „белодробен систем на северот на Скопје“. Паркот ќе содржи централен тревник за фестивали и собири, детски игралишта, спортски терени, тематски градини, амфитеатар на отворено и еко-патеки со современа инфраструктура.

„Идејата е саемот и паркот да функционираат како целина, како куќа на јавниот живот, простор за културни манифестации, собири и дијалози, но и како зелено прибежиште за спорт, детска игра и колективна релаксација. На тој начин го враќаме јавниот интерес пред приватниот профит“, нагласи Мециновиќ.