Цените на становите се многу високи поради алчноста на сопствениците на земјиштето

Градежните експерти велат дека неосновано и без економска логика сопствениците ги креваат цените за откуп на земјиштето за градба и процентот на соинвеститорство и заедничка градба со инвеститорите. Порано сопствениците на земјиштето добиваа 25, а сега 40 отсто од изградената површина

од Nikola Popovski
27 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Побарувачката за становите се уште е многу голема и недозволува цената на квадратот да падне. Градежните експерти посочуваат дека цената на становите во Скопје е висока не само поради побарувачката, зголемените трошоци за градба и за работна рака, туку и поради алчноста на сопствениците на земјиштето. Со зголемувањето на цените на становите се зголемија и побарувањата на сопствениците на градежните парцели. Поранотие бараа 25, а сега 40 отсто од изградената површина.

-Инвеститорите се под притисок на сопствениците на земјиштето бидејќи видоа дека многу се гради. Од друга страна, не се остава доволно простор за зеленило, бидејќи инвеститорите им плаќаат поскапо земјиште на сопствениците на овие парцели. Најголем притисок вршат сопствениците на слободни парцели кои се наменети за јавна намена, како паркови, игралишта, спорт и рекреација….Државата треба да им ги плати овие парцели по иста цена по која ќе им ги платат инвеститорите доколку сака да имаме зеленило и јавни површини, вели сопственик на една градежна фирма.

Според него, во Скопје мора да се престане да се гради и да ги зголемиме зелените површини за сметка на зградите. Ова е главен проблем во урбанизмот и една од причините за енормно високите цени на становите.

И градежните експерти велат дека неосновано и без економска логика сопствениците ги креваат цените за откуп на земјиштето за градба и процентот на соинвеститорство и заедничка градба со инвеститорите. Порано сопствениците на земјиштето добиваа 25, а сега 40 отсто од изградената површина.

Тие исто така посочуваат дека на инвеститорите не им е важно колкав процент од изградениот објект ќе им отстапат на сопствениците на земјиштето, туку како да ги легализира црните парите.

Управата за јавни приходи неодамна го идентификува градежниот сектор како многу ризичен, особено во контекст на актуелните пазарни трендови, зголемената побарувачка за недвижности и зачестеното плаќање во готово.

Најави контроли на продажбата на објекти по истекувањето пет години од нивната изградба, договорите со нереално ниска продажна вредност, непријавените вработувања и ангажмани, разликите меѓу реалниот обем на изградба и пријавените приходи од продажба, издавањето фактури без прибелешки во јавните книги, како и неправилната примена на механизмот за пренос на даночна обврска.

Последните статистички податоци покажуваат дека во јули година се издадени 401 одобрение за градење, што е за 7,2 отсто повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Од вкупно 401 објект, на 57,9 отсто од објектите како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 42,1 отсто објекти инвеститори се компании.

Минатата година општините издале над 3.500 одобренија за изградба на објекти, од кои околу 2.500 се однесуваат на изградба на згради. Во просек последниве пет години општините издаваат од 3.500 до 4 илјади одобренија за градби.