Владата за 400-те пожарникари: Извештајот за редовност е во тек, по што ќе следи и исплатата

„Документацијата (извештајот за редовност) за исплата од страна на организаторот е веќе во тек и ќе биде испратена до центрите за вработување по што ќе следи и исплатата“, велат од Владата

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: Принтскрин

Владата излезе со реакција по денешната прес-конференција на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на која беа изнесени тврдења дека околу 400 млади пожарникари кои беа ангажирани во летните месеци, се уште не добиле ниту една плата. Во својот демант, Владата го именува СДСМ со „СДС“ како што тоа го прават од партијата ВМРО-ДПМНЕ во нивните соопштенија и партиски реакции. Додаваат дека „допрва ќе следи исплатата“.

„СДС продолжува да го злоупотребува своето медиумско време за да манипулира со фактите и да шири лаги, мерката за 400 пожарникари е уште една во низата бескрупулозни политички напади. Наместо да се посветат на вистината, тие повторно се обидуваат да создадат хаос и да ја манипулираат јавноста со неточни информации.

Фактите се едноставни и непобитни, ова е првпат во историјата на нашата држава да се имплементира мерка за вработување која целосно ги искористува расположливите ресурси, со цел да се заштитат граѓаните од природни катастрофи и да се подобри животната средина.

Што се однесува до исплатата на учесниците за оваа мерка која е наведена како 6.2 во оперативниот план и е наменета за заштита од пожари, апсолутно нема никаква поврзаност помеѓу распишувањето на локалните избори и исплатата на средствата, од причина што средствата се обезбедени и не станува збор за никакво вонредно плаќање!

За лицата кои се вклучени во оваа мерка ве информираме дека беа ангажирани на 08.08.2025 година, документацијата (извештајот за редовност) за исплата од страна на организаторот е веќе во тек и ќе биде испратена до центрите за вработување по што ќе следи и исплатата“, велат од Владата.

Оттаму додаваат дека „за разлика од СДС, тие работат отчетно и транспарентно“.

„Нашата работа продолжува да биде фокусирана на интересот на граѓаните, додека тие се заглавени во манипулации и измислици. Ние сме тука да носиме конкретни решенија, додека опозицијата ќе продолжи да лаже и да се обидува да го наруши јавниот мир со невистинити приказни. Не им дозволуваме да ја кријат вистината, а сите обиди за политички саботажи нема да ја засенат посветеноста на оваа Влада да работи за подобар живот за сите граѓани затоа што факти не се рушат со лага“, додаваат од „Илинденска бр.2“.

Според СДСМ, извори во различни општини информираат дека исплатата е блокирана и не може да се реализира поради изборите, бидејќи станува збор за „вонредно плаќање“. Кузеска јавно го праша премиерот Христијан Мицкоски дали е ова точно.

Кузеска го прашува Мицкоски: Дали 400 млади пожарникари не земале ниту една плата од 24 илјади денари?