Министерот за здравство, Азир Алиу на отворањето на 27. Синдикална школа на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита истакна дека во рекордно време реализирале над 1.250 вработувања во 85 јавни здравствени установи низ државата, како дел од стратешкиот процес на кадровско зајакнување на здравствениот систем.
-Паралелно го спроведуваме и процесот за вработување на приватните специјализанти, со кој решаваме децениски егзистенцијален проблем на оваа категорија здравствени работници. Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита е наш партнер со кој со заеднички заложби работиме на унапредување на статусот на секој здравствен работник во државата, истакна министерот Алиу во видео-обраќањето.
Истакна и дека Владата реализирала значајно зголемување на платите на здравствените работници, и тоа во износ од 4.815 денари нето за сите здравствени работници, а за медицинските сестри ова зголемување изнесува дури 6.200 денари.
Оваа мерка, додаде, значела „суштинско вреднување на трудот на медицинскиот персонал“.