Здружение на граѓани „16 март“: Скоро цело Кочани патуваше 30 км до Штип за Дино Мерлин, зарем 300–400 метри до Паркот на револуцијата се премногу?

„Наши сограѓани, родители – ве очекуваме на следниот марш. Не за концерт, не за медиуми, туку за човечка почит. За вистинска правда за вашите другари, пријатели, братучеди, внуци, сограѓани“, велат од Здружението на граѓани „16 март 2025“

од Nikola Popovski
16 прегледи

Здружението на граѓани „16 март 2025“ преку јавна објава упати aпел до сите сограѓани на Кочани да им се придружат на следниот марш. Направија споредба за одзивот на претходните маршеви во градот со настапот на пејачот Дино Мерлин на штипската „Пастрмајлијада“ кој се случи изминатиот викенд.

„Кочани: ЕДИНСТВО ШТО ИНСПИРИРА

Синоќа скоро цело Кочани патуваше 30 километри до Штип на концерт.
А градоначалникот на Штип, ете, предизборно најде време и срце да ги покани повредените деца и да им обезбеди маси за Дино Мерлин.
Респект за гестот, респект за одзивот!

А ние се прашуваме… Кочанчани, ако можевте 30 километри до Штип, зарем 300–400 метри до Паркот на револуцијата се премногу?
Таму не ве чекаат ѕвезди на сцена, туку споменот на вашите другари и другарки – 62 ангели што таа кобна ноќ ја оставија младоста на овој град.

Наши сограѓани, родители – ве очекуваме на следниот марш.
Не за концерт, не за медиуми, туку за човечка почит. За вистинска правда за вашите другари, пријатели, братучеди, внуци, сограѓани.

Кочани знае и умее да се сплоти кога е најпотребно.
Да застанеме заедно, да се потсетиме, да се поклониме пред оние што повеќе не се со нас – нашите ангели.

За 62 светлосни траги кои ја оставија младоста на овој град, за секоја насмевка која ќе недостасува, за секој срцев удар на сеќавањето – да покажеме дека споменот живее и дека љубовта и почитта остануваат засекогаш“, стои во објавата на здружението на граѓани „16 март 2025“.

Пред шест дена, на точно шест месеци од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, родители и роднините на починатите, како и други граѓани одржаа нов протестен марш за да им оддадат почит на настраданите и да побараат одговорност за трагедијата.