Мерко ги остави стружани без вода и во септември, обвинија од Левица

Левица: Рекордерот во кривични Мерко никаде го нема во јавност да објасни што се презема за да се надмине овој сериозен проблем

од Nikola Popovski
9 прегледи Фото: Официјален Фејсбук профил на Општина Струга

Левица претпладнево соопшти дека поради неодговорното работење на локалните власти, застарената инфраструктура и немањето одговорност, секоја летна сезона градот на две води се соочува со сериозен недостиг на вода. Тврдат дека голготата на стружани со недостиг од вода оваа година се пролонгира и после завршувањето на летната сезона, додека од локалната власт предводена од градоначалникот Рамиз Мерко нема никакви одговори.

-Од надлежното јавно претпријатие последна достапна информација е пред повеќе од две недели, кога претпријатието информира дека заради високи температури, повторно жителите на Струга ќе се соочат со недостиг на вода. Рекордерот во кривични пријави, градоначалникот Рамиз Мерко никаде го нема во јавност да објасни што се презема за да се надмине овој сериозен проблем, со кој на жителите на Струга им е скратено основното уставно и човеково право за пристап до чиста вода!

Катастрофалното и корумпирано владеење на сите локални власти досега, без сериозни инвестиции за модернизација на водоводната инфраструктура (која е стара повеќе од 30 години), доведува до енормни загуби на вода, а последиците ги трпи населението, порачуваат од опозициската партија.

Дополнително, велат од Левица, иако уште пред три месеци министерот Изет Меџити (поранешен сопартиец на Рамиз Мерко) помпезно се сликаше и најави капитална инвестиција за реконструкција на водоводната мрежа, реалноста на терен укажува дека овој проект се уште не е започнат.

-Иронијата да биде поголема, додека Меџити овој проект го промовира како „Чиста вода за Струга”, реалноста е дека на крајот на месец септември жителите на Струга воопшто немаат вода!

Време е да се стави крај на корумпираното владеење на досегашните естаблишмент партии, кои 35 години демонстрираат неспособност да обезбедат основни услови за пристоен живот на народот. Пораката на овие избори е јасна – елитите кои три децении ги создаваат проблемите, не можат да бидат истите кои ќе дадат решенија за тие проблеми, наведуваат од партијата на Димитар Апасиев.