„Венко Филипче и СДС намерно креваат лажна паника за наводно нарушена безбедност на скопскиот аеродром. Каква врска има партиите со тоа што се расипал радар, што може да се случи на било кој аеродром во светот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на соопштението на СДСМ за расипаниот радар на скопскиот аеродром.
Според партијата на власт, расипаниот радар не само што не ја загрозува безбедноста на патниците туку работата на аеродромот продолжува непречено по утврдени протоколи. Впрочем, додаваат оттаму, ниту една реномирана авиокомпанија која оперира на скопскиот аеродром се нема пожалено ниту откажано од работење.
-Што се однесува за партизираноста на МНАВ само да потсетиме дека каубојците од ДУИ се тепаа на работно место, а пајташите на СДС вработија 70 партиски војници во оваа институција. Затоа на ваквото ширење на паника од СДС гледаме како сценарио за кревање на паника слично на палењето на депониите во Скопје од кое што ќар имаат само СДС за да ја покријат безидејноста и неспособноста, стои во партиското соопштение од таборот на Христијан Мицкоски.
Претходно СДСМ обвини дека партизацијата и неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ директно ги доведуваат граѓаните во опасност, реагирајќи на информацијата дека се расипал единствениот функционален радар во Контролата на летање на скопскиот аеродром. Со информација се огласија и од М-НАВ. Тврдат нема загрозување на безбедноста на авио-сообраќајот туку само на темпото со коешто се одвива слетувањето, односно на бројот на авиони што можат да се опслужат во еден час.
М-НАВ: Расипаниот радар не влијае на безбедноста на авио-сообраќајот