Воздухот во Трубарево е чист, во текот на денот се чекаат резултатите од испитувањето на почвата што ги прави универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, информира денеска вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
По посетата на Државното средно училиште за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“, прашан за состојбата во Трубарево по пожарот во фабриката за рециклирање електричен и електронски отпад посочи дека со стабилизирање на состојбата со огнот се стабилизирала и состојбата со воздухот.
-Ние ги прикажавме резултатите и од дење и од ноќе, кога беа покачени. Веднаш откако се стабилизира состојбата со огнот се стабилизираше и состојбата со воздухот. Таму е чисто, нема никаков проблем. Сега работиме на испитување на почвата. Во текот на денот ги чекаме испитувањата од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и јавноста ќе биде известена, рече Меџити.