Во однос на провокативните упади на авионите и дроновите на руските вооружени сили во неколку земји на НАТО кои гравитираат околу непосредните руските граници, тоа претставува демонстрација на сила и неколебливост во зоната на стратешкиот интерес на Русија која во оваа фаза ги тестира и провоцира способностите на НАТО во сценарио за одвраќање и решителноста и единството на ЕУ, вели во разговор за „Локално“, политикологот и воено- безбедносен аналитичар, Милан Стефановски откако е најавен вонреден состанок на Советот за безбедност на ОН на барање на Естонија по руското нарушување на нејзиниот воздушен простор.
Според Стефановски, нема индиции дека тоа би бил отворен судир помеѓу НАТО и Русија, не барем во оваа фаза на војната.
-Тие секако се пресметуваат во Украина , но во друга форма и обем, додава соговорникот.
Стефановски оценува дека допрва ќе се реафермираат заложбите во дипломатска смисла и ќе се засилат воздушните патроли и извидување долж источното крило на НАТО.
-Голема е веројатноста да се подигне борбената готовност во источното крило на НАТО, и да се зајакнат базите со луѓе, опрема и извиднички платформи. Од било која страна ако има сериозно нарушување на територијалниот интегритет и суверенитет, тогаш било која мета е легитимна цел за неутрализирање. Но, сепак во овој момент, на никого не му одговара дополнителна ескалација. Да, повторам од една страна НАТО и од друга страна Русија, Иран и Северна Кореја имаат огнено крштевање и воен меч на територија на Украина, потенцира аналитичарот.
Запрашан дали реакцијата на Русија би била поостра, Стефановски вели дека Русија и во стратешка компонента и во тактичко оперативна смисла дејствува во одвраќање на ширењето на НАТО кон Исток. Дециден е дека се во можност да испратат и порадикална порака на изолирани воени цели.

Фото: Принтскрин
Главните аеродроми во Осло и Копенхаген повторно се отворени откако беа принудени да ги затворат своите врати поради повеќекратни видувања на дронови во нивна близина, што предизвика доцнења и откажувања на летови неколку часа во понеделник и рано утрово во вторник.
Воздушниот простор над аеродромот во Копенхаген беше затворен околу 20:30 часот по локално време откако беа забележани два до три „неидентификувани“ дронови во областа, изјави портпарол на аеродромот. Не беше дозволено полетување или слетување на летови. Полицијата ги опиша дроновите како „големи“.
„Не е познато од каде дошле дроновите или каде летале“, рече заменик-полицискиот инспектор Јакоб Хансен. Данската полиција објави дека ќе „спроведе голем број мерки“ како дел од истрагата, но не потврди кои точно мерки ги разгледува.
Аеродромот беше повторно отворен околу 00:20 часот по локално време.
Кога новинарите го прашаа дали дроновите се од руско потекло, Хансен рече дека не може ниту да потврди ниту да негира тоа.
Претходно, појдовните летови од данската престолнина беа откажани или одложени, а дојдовните летови беа пренасочени кон други аеродроми во Данска, додека некои беа испратени во Гетеборг и Малме во Шведска, според извештајот на аеродромот.
Портпаролот на полицијата во Копенхаген изјави дека не се извршени апсења и дека истрагата е во тек.
Во објава на социјалните мрежи, украинскиот претседател Володимир Зеленски спомена „руско кршење“ на воздушниот простор на НАТО во Копенхаген на 22 септември, но не го прецизираше изворот на информациите, објавува Би-Би-Си.
Во Норвешка, воздушниот простор над аеродромот во Осло беше затворен во вторник наутро поради уште еден дрон. „Ова значи дека дојдовните летови сега се пренасочуваат кон најблискиот аеродром“, изјави за Си-Ен-Ен директорката за комуникации Моника Ирене Фастинг.
Европа е во состојба на зголемена готовност откако руските беспилотни летала го нарушија воздушниот простор на Полска и Романија претходно овој месец, што ги поттикна сојузниците на НАТО да се заложат за зајакнување на одбраната на источниот дел од блокот. Во моментов нема индикации дека активноста на беспилотните летала во понеделник во Данска и Норвешка е поврзана со инцидентите во кои е вклучена Русија.
Н.П.