Ванковска за Сиљановска: Претседателката се залага жена да биде на чело на ОН, зошто нели со личен пример покажа која е разликата кога жена е шеф на држава

-Да те пратат на Сесија за жените додека другите одржуваат специјална сесија за Палестина, наликува на патријархалната матрица според која на жените им е место во „кујната“ додека „мажите” се грижат за важните работи, порача Ванковска

од Nikola Popovski
38 прегледи

Професорката и екс-кандидатка за претседателка, Билјана Ванковска со свој коментар за учеството на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на 80. Генерално собрание на Обединетите Нации во Њујорк, каде се обрати на состанокот на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција за жените.

-Да те пратат на Сесија за жените додека другите одржуваат специјална сесија за Палестина наликува на патријархалната матрица според која на жените им е место во “кујната” додека “мажите” се грижат за важните работи. Ете, така ја третираат и таа прифаќа без приговор, објави Ванковска.

Таа додаде дека да биде „иронијата поголема, претседателката се залага жена да биде на чело на ОН, зошто нели со личен пример покажа која е разликата кога жена е шеф на држава“.

Вчера Сиљановска од САД порача дека институцијата создадена да го заштити мирот – Обединетите нации, се соочува со длабока криза.

-Замислена како најголем мировен проект на човештвото, таа сега стои исправена наспроти војните кои што беснеат низ континентите, рече претседателката додавајќи дека 80 години по нејзиното основање, мирот што претставува причината за постоење (raison d’être) на ОН, останува неостварлив. Марс сè уште владее кога е време Венера, отелотворена во визијата, сочувството и лидерството на жените, да ја води нашата заедничка иднина. Ако сме сериозни во врска со мирот, тогаш време е да го довериме кормилото на Обединетите нации на жена, потенцира Сиљановска – Давкова.

Таа смета дека жените во светот, заедно со децата, се првите и најголемите жртви на војната.