Лидерот на СДСМ Венко Филипче денеска изјави дека премиерот Христијан Мицкоски e директно одговорен за состојбата во судството и неспороведувањето на потребните реформи.
-Сметам дека е апсолутно недозволиво премиерот да се однесува како независен аналитичар и да ги коментира само состојбите во правосудството, кога тој е директно одговорен за спроведување на реформите. Досега не се спроведени ниту една од предвидените реформи, преку носење на реформски закони во правосудството согласно Планот за раст, рече Филипче во изјава за медиуми.
Тој истакна дека од реформските закони што се предвидени да се донесат, во Собранието не е поднесен ниту еден.
Порача дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ којашто има мнозинство во Собранието, нема ниту една причина за тоа што сега се случува со неспроведување на реформите во правосудниот систем.
-Сметам дека се што оваа власт прави се само празни флоскули, само изјави, само најави, и дека се што лани беше предизборна лага, сега е веќе јасно дека ништо од тоа нема да се спроведе и практично е истиот терк на однесување и сега во очи на оваа кампања кога сме бомбардирани од лажни реклами, рече Филипче.