Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска му одговори денеска на премиерот Христијан Мицкоски откако тој рече дека чувствува одговорност што на минатите локални избори ја поддржал токму неа. Во подолга објава на социјалните мрежи, Арсовска, меѓу другото, го нарекува Мицкоски „несреќо“.
„Мицкоски несреќо, јас завршувам со борбата во која твојот претседател на совет на Град Скопје и твоите советници 4 години го блокираа и урнисаа градот: не гласаа за нови автобуси, не гласаа за бесплатен превоз, не дозволија да се набави нова механизација за да се чисти ѓубрето, не гласаа ништо во интерес на граѓаните за да биде задоволена твојата суета. Ни за вработување на нови пожарникари, ни за нови противпожарни возила им кажа да не гласаат“, тврди Арсовска.
Ако сакаше да има одговорност, додава градоначалничката во обраќањето до премиерот, требаше твоите советници да дадат оставка, за да сега ти заедно со нив да не си директно одговорен за хаосот во Скопје.
„Еве сега и јас им се извинувам на граѓаните што сум мислела дека си чесен, професор и интелектуалец, не знаејќи што навистина си. Администрација во град Скопје јас не ја донесов, работев со луѓе кои се професионални, вредни и го сакаат градот за разлика од ВАС, тоа се луѓе кои ВИЕ и таквите како вас ги вработиле во изминатите 30 години. И за крај, ТИ и ТВОЈАТА администрација имате одговорност затоа што
– над 60 деца без вина ви настрадаа во Кочани и ништо не превземате
– ви изгоре пола држава за да си прави некој простор за фотоволтаици
– ви изгоре отпад во Трубарево еко катастрофа пред очите на сите ТВОИ институции кои не реагираат
– убиства ви се случуваат пред очи секој ден
– убиваат жени кои ТЕБЕ и ТВОЈОТ министер Тошковски во очај ве молеле за помош
А одговорност за над 150 небезбедни нелегални дивоградби висококатници кои секој момент може да се срушат во Чаир ќе има ли? Оди скриј се и молчи! Отпадот ќе се исчисти за една недела бидејќи ТЕБЕ ќе ти треба успешен градоначалник, фирмичките приватни ви се подготвени за акција, ама животите и здравјето на невините за кои си ТИ одговорен нема да ти ја исчистат совеста! П.С Луке брзо смислувај нов постер за Мицкоски да дефокусира, глуми жртва и бега од новинарски прашања“, стои во јавната објава на Арсовска на социјалните мрежи.
На прашањето дали чувствува одговорност за неподигањето на сметот во Скопје од страна на Комунална хигиена и дека градоначалничката Данела Арсовска беше поддржана од коалицијата на ВМРО – ДПМНЕ, Мицкоски, кажа дека повеќе пати се извинил за тоа што ја поддржале како независен кандидат.
-Дали чуствувам одоговорност што сум ја поддржал тогаш независната кандидатка, сум го кажал најмалку 10 пати. Да чуствувам и сум се извинил најмалку 10 пати. И еве повторно ќе кажам, се извинувам што тогаш застанав позади независниот кандидат Данела Арсвоска. И затоа сум го кажал тоа најмалку 10 пати дека таа грешка повеќе нема да ја повториме. Затоа на следните избори ќе победи Орце Ѓорѓиевски уште во првиот круг и како што самиот се обврза пред скопјани, во првите 72 часа ќе ги засука ракавите и ќе го исчисти Градот Скопје од смет, изјави Мицкоски.
Мицкоски не даде одговор, туку наместо тоа повика „невладините организации да поднесат кривична пријава против него“ бидејќи, како што рече, согласно кривичниот законик екоцид е кривично дело. На новинарска забелешка оти градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, веќе најави кривична пријава за „Комунална хигиена“ за загрозување на животната средина согласно член 218 од Кривичниот законик, Мицкоски ја повика и новинарката да поднесе кривична пријава.