Случајот „Росица“ отвора правни прашања: „Семејството може да поднесе тужба против државата и да бара оштета доколку се докаже дека институциите пропуштиле да го заштитат правото на живот“

Адвокатот Калач за „Локално“ за убиецот на Росица: Доколку ваков профил на сторител би бил во притвор или затвор, постои можност по излегувањето повторно да извршеше вакво грозоморно злосторство

од Nikola Popovski
88 прегледи Фото: Фејсбук

Дали семејството на трагично усмртената Росица Коцева и нејзиниот татко од Велес има право да ја тужи државата заради неисполнување на обврските за заштита на жртвите од насилство? Ваква дилема се постави во јавноста откако професорката и екс-министерка за правда, Рената Дескоска објави пример како Европскиот суд за човекови права пресудил дека Италија ги прекршила член 3 (забрана за нечовечно или понижувачко постапување) и член 8 ( право на приватен и семеен живот). Станува збор за случај сличен на оној на Росица во кој жалителката во предметот тврдела дека по разделбата од партнерот била изложена на психолошки и физички притисоци, контроли, вознемирување и закани, и дека властите не презеле навремени и соодветни мерки за нејзина заштита.

За дел од експертите, семејеството на Росица и татко ѝ имаат право на тужба, но се уште многу околности се неразјаснети. Според адвокатот Јасмин Калач, случајот со двојното убиство е трагедија која природно отвора и правни прашања. Во разговор за „Локално“ вели дека во домашното право, а и според Европската конвенција за човекови права, семејството има можност да поднесе тужба против државата и да бара надомест на штета доколку се докаже дека институциите пропуштиле да го заштитат правото на живот и слично. Европскиот суд има пресуди во кои државите се прогласени за одговорни во вакви ситуации.

Фото: Јасмин Калач

-Но, мора да нагласам дека многу околности сè уште се неразјаснети и секој коментар за таква една ваква сензитивна ситуација би бил во голема мера шпекулација. Дури и хипотетички, мое лично мислење е дека доколку ваков профил на сторител бил во притвор или затвор, постои можност по излегувањето повторно да извршеше вакво грозоморно злосторство. Иако е ова хипотетички, треба да се каже, истакнува Калач.

Мора да спомнеме дека, додава адвокатот, некогаш дури и државата да пружи максимум, може да се случи нешто вакво како последица.

-Затоа, суштинското прашање во вакви сензитивни настани за нашето општество е како да се изградат поефикасни превентивни мерки и системска заштита за потенцијалните жртви. Да не заборавиме дека во оваа трагедија животот го загуби и таткото на Росица, што дополнително ја зголемува тежината на настанот и станува збор за двојно убиство, потенцира Калач.

Бурни се реакции по двојното убиството и самоубиство во Велес. Жртвата реагирала до институциите дека поранешното момче ја вознемирува и малтретира. На почеток на годината биле поведени неколку постапки за закани и насилство. Од велешкото Обвинителство било побарано и психијатриско вештачење на обвинетиот, по што е констатирано дека тој не боледува од душевна болест, не е регистрирана патолошка опсесивност или патолошка фиксација. Бил прогласен за виновен и му била изречена условна осуда. Само шест дена подоцна додека Росица Коцева сè уште барала заштита и правда, таа и нејзиниот татко беа убиени.

Од Основен суд Велес дополнија дека во јуни месец примена е приватна кривична тужба од приватен тужител Илија С. од Скопје против обвинетите Росица и уште едно лице, дека сториле кривично дело Телесна повреда по која тужба е формиран предмет. Од СВР Велес ги објавија сите пријави и од Росица но и од Илија, поднесени до полицијата за кривично правни настани. Од Росица има седум, меѓу нив и пријава од 18 мај за запален автомобил „мицубиши“, сопственост нејзиниот татко, кој претходно на 17 мај бил украден од пред неговиот дом. По оваа пријава ОЈО Велес на 26 јуни годинава издало наредба до МВР за обезбедување докази од телефонската комуникација, како и четири наредби за обезбедување снимки од видеонадзор од различни локации во градот. По овие наредби МВР уште постапува.

Н.П.