Турбекулозата кај животни не е нова појава, ризикот за посетителите е многу низок – велат од Зоолошката градина Скопје

ЗОО Скопје: Преносот на туберкулоза од животни на луѓе е исклучително редок и најчесто бара долг и директен близок контакт со болни животни, нешто што е невозможно за обичните посетители

од Nikola Popovski
9 прегледи Фото: Фејсбук профил на Зоолошка градина Скопје

Од Зоолошка градина Скопје ја информираат јавноста дека немало простор за паника во врска со неодамнешните информации за појава на животинска туберкулоза кај поединечни животни.

-Безбедноста на посетителите и грижата за животните остануваат наш врвен приоритет. Туберкулозата кај животни не е нова појава. Овој вид заболување е познат со децении, и може да се јави и во зоолошки градини и во природата, па дури и во почва, паркови и игралишта во околината каде што живееме. Ризикот за посетителите е многу низок и речиси невозможен. Преносот на туберкулоза од животни на луѓе е исклучително редок и најчесто бара долг и директен близок контакт со болни животни, нешто што е невозможно за обичните посетители, велат од ЗОО.

Оттаму додаваат дека вработените кои се во директен контакт со животните со години изминатиот период биле тестирани.

-Сите досегашни резултати се негативни, нема заразени лица меѓу персоналот. Се преземаат строги ветеринарни и санитарни мерки и постојано се врши дезинфекција во живеалиштата. Секое сомнително или заболено животно е предмет на надзор, тестирање и соодветен третман согласно меѓународните стандарди, а поставени се и дез бариери кај живеалиштата. Превентивно решивме во наредниот период да го изолираме и Бејби ЗОО, катче кое секако во наредниот период ќе мора поради ниските престоечки температури да се затвори за јавност.

Посетителите се движат по безбедни патеки и немаат близок контакт со животните. Контролата на здравјето на животните и на вработените е континуирана и под надзор на надлежните институции. Случаи на животинска туберкулоза се регистрирани и во други зоолошки градини низ светот, но тоа никогаш не резултирало со ризик за јавноста, стои во соопштението од ЗОО Скопје.

Советникот во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков, пред два дена преку објава на социјалните мрежи предупреди на сериозна состојба во Зоолошката градина во Скопје, наведувајќи дека причина за смртта на неколку животни е туберкулоза.

-Неодамна починаа Лами за кој се установи дека биле заболени од туберколуза, исто така пред неколку дена почина и младо мајмунче од видот Гибон за кој исто така резултатите на туберкулоза беа позитивни и тоа е причината за неговата смрт.

За трагедијата да биде уште поголема пред десетина дена почина и бизонот за кој денес добив официјални резултати дека истиот бил болен од туберкулоза, ноазен тип за кој ако малку се информираме ќе видиме дека е пренослив од животно на животно и од човек на човек.Резултатите се добиени од патолошките наоди на погинатите животни од Ветеринарниот факултет, Ветеринарниот институт и од Агенцијата за храна и ветерина, информира Кирков.

Кирков тврди дека во скопската Зоолошка градина постои туберколоза, вели состојбата е алармантна