Решен проблемот со радарот на Скопскиот аеродром, Николоски вели за него престанале да се произведуваат делови пред седум години

Николоски: На следната седница на Влада ќе донесеме одлука со којашто ќе пристапиме кон монтирање на нов радар за контрола на летање

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Принтскрин

Вицепремиерот и министер за транспорт  Александар Николоски денеска изјави дека радарот на скопскиот аеродром е ставен во фунција, оти е најден резервен дел и проблемот е решен во рекордно време од само три дена. Но, вели, притоа било констатирано дека изминатите години тој работел на само еден канал.

Дополнително, нагласи Николоски, радарот е стар 27 години и минатата влада не донела одлука да се монтира новиот радар и притоа најави дека на следната седница на Владата ќе биде донесена одлука тој да биде монтиран што е можно поскоро. Во трите дена додека се решавал проблемот со радарот, рече министерот, не била доведена во прашање безбедноста на авиосообраќајот за што, како што истакна говори и тоа што ниту една авиокомпанија не ги откажала летовите.

Вицепремиерот нагласува дека во следниот период не постои ни теоретска можност за било што да се случи. Според него, суштинското прашање е зошто тој радар е стар 27 години.

-За него престанале да се произведуваат делови пред седум години, односно на 20-тата година од инсталирањето на радарот веќе не се произведуваат резервни делови и навистина е чудо како успеавме да најдеме резервни делови. Во исто време сакама да прашам зошто претходната влада на СДСМ не го инсталираше, не го монтираше целосно новиот радар којшто е пристигнат во Скопје од компанијата Леонардо и стои немонтиран. И еве да најавам на следната седница на Влада во вторник ќе донесеме одлука со којашто ќе пристапиме кон монтирање на радарот, така што ќе имаме целосно нов радар за контрола на летање, рече Николоски.