Сиљановска-Давкова во Њујорк: Многу од младите Македонци се уморни чекање за европска иднина и затоа ја напуштаат земјата

од Vladimir Zorba
37 прегледи

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на сесијата посветена на 30 годишнината од Светската програма за млади, што се одржа во рамки на 80. Генерално собрание на ОН.

Таа укажа на потребата младите генерации да добијат заслужено место во оформувањето на иднината на Обединетите нации и ја потенцираше важноста на стратегијата Youth2030 како основа за активно, а не само симболично вклучување на младите во реформите на ОН на сите нивоа.

Учесниците на сесијата говореа на теми посветени на улогата на младите во глобалниот развој.

Се дискутираше за „Светската програма за акција за млади: забрзување на глобалниот напредок преку меѓугенерациска соработка”, како и за „Унапредување на спроведувањето на Светската програма за акција за млади со цел никој да не изостане”.

,,Доаѓам од мала европска држава. Дваесет години чекаме да станеме членка на Европската Унија. Многу од вашите македонски врсници се уморни од тоа чекање за европска иднина и затоа ја напуштаат земјата. Ова важи за поголемиот дел од земјите од Западниот Балкан. За мали држави како нашата, статистиката не е апстракција. За да се сменат работите, ангажманот на младите не смее да биде само симболичен, туку суштинско учество во процесите на одлучување. Од моја страна, основав Совет за млади и именував млади луѓе во претседателски комисии и тела.

Младите генерации имаат право на обновена, ажурирана Повелба, на реформирани и силни Обединети нации што ќе им овозможат да живеат во мир меѓу народите, но и мир со природата”, порача претседателката.