Казна до 50 евра ако со слушалки и телефон преминувате улица

Од денес нови сообраќајни правила - построги казни за пешаците и возачите на тротинети и велосипеди

од Nikola Popovski
22 прегледи

Од денес секој што ќе преминува пешачки со мобилен телефон или ќе вози тротинет преку обележан премин, ризикува парична казна. Пешак кој ќе се движи со телефон на уво или во рака при преминување на коловоз или велосипедска патека ќе плати 40 евра. За возење тротинет, мотор или трактор со користење електронски уред, казната изнесува 50 евра.

Новите законски решенија се воведуваат во насока на елиминирање на одредени навики кај пешаците и возачите од определени категории возила

„Пешакот е должен кога се движи по коловоз под услови утврдени со овој закон или кога преминува преку коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента, да се движи и преминува внимателно, без притоа да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид електронски уред со кој би му се намалило вниманието додека го преминува коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента“, соопштија од РСБСП.

„Возачот на велосипед, велосипед со помошен мотор, мопед, мотоцикл, трицикл, лесен четирицикл и четирицикл, за време на управувањето со возилото не смее да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид електронски уред, со кој би му се намалила можноста за реагирање и сигурно управување со возилото, освен специјализираните уреди за комуникација кои се вградени во заштитните шлемови“, додаваат оттаму.

Од денес посебно се дефинираат и ќе се санкционираат прекршоците врзани за возењето на возилата под дејство на алкохолот. Во сила и натаму останува одредбата со која ќе се смета дека е под дејство на алкохол лицето за кое со анализа на крвта или на крвта и урината или со друг метод за мерење на количеството на алкохол во организмот, ќе се утврди дека содржината на алкохолот во крвта изнесува повеќе од 0.50 г/кг. За оние возачи кои ќе ја надминат оваа граница е предвидена глоба во износ од 225 евра во денарска противвредност. Покрај ова, на таквиот возач ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од три до шест месеци.

Според податоците на МВР од 2001 до крајот на 2024 година во Македонија, загинале 842 пешаци. Лани, во 2024 загинале 24 пешаци, а најмногу смртни случаи на оваа категорија учесници во сообраќајот била регистрирана во 2008 кога загинале 52 пешаци.

Во 2015 загинале 49, додека најмалку смртни случаи меѓу пешаците имало во време на короната, 2020, имало 20 жртви, една година подоцна загинале 23 пешаци. Многу од незгодите се случиле на пешачките премини кога пешаците имале зелено светло за слободно поминување. Но, таква статистика никој не пресметува.