СДСМ: Кандидатот за градоначалник на Виница од ВМРО-ДПМНЕ дел од шумската мафија?!

СДСМ: „Или началникот на шумската полиција Митко Костадиновски е инволвиран или кандидатот за градоначалник на општина Виница од ВМРО-ДПМНЕ е неспособен соодветно да ја извршува својата функција“

од Nikola Popovski
218 прегледи Фото: Принтскрин

СДСМ денеска преку прес-конференција изнезе информации и праша дали кандидатот за градоначалник на Виница од ВМРО-ДПМНЕ е дел од шумската мафија во државата? Од партијата велат дека за огромен криминал во Малешевијата уапсени беа 15 лица, меѓу нив и директори, полициски началници и шумски полицајци, осомничени за злосторничко здружување и пустошење на шуми со штета од над 100 милиони евра, но, според нив, симптоматичен е молкот на ВМРО-ДПМНЕ.

-Зошто е овој молк? Дали ДПМНЕ молчи затоа што во „периметарот“ на акцијата се наоѓа и началникот на шумската полиција и воедно кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ Митко Костадиновски?

Дали како создавачи на ова злосторничкото здружение се токму началниците на ОВР Делчево и шумската полиција, партнерите во криминал Блашко и Митко?

Дали истите двајца го координирале движењето на незаконски исечената дрвна маса за да заврши во една делчевска компанија од дрвната индустрија?

ДПМНЕ и Костадиновски должат одговори на овие прашања. Костадиновски е началник на шумската полиција, има највисока раководна позиција на органот кој е задолжен да ја чува шумата, да ги спречува уништувачите на шумите, бесправните сечи и шумските кражби.

Или началникот на шумската полиција Митко Костадиновски е инволвиран, или кандидатот за градоначалник на општина Виница од ВМРО ДПМНЕ е неспособен соодветно да ја извршува својата функција. Трето нема, сметаат од СДСМ.