Интервју со Герасимовски: Нема друг спас за Скопје освен да се направи прерутирање на сообраќајот од центарот

Очекувам победа и глас од сите граѓани - Центар е единствената општина каде Советот, додека јас бев градоначалник, функционираше како сите да сме од една партија, вели Герасимовски во интервју за „Локално“

од Nikola Popovski
162 прегледи Фото: Фејсбук/Горан Герасимовски

Центар е комплексна општина, целиот град практично доаѓа овде, односно целата држава. Има огромна фреквенција на луѓе и автомобили и сето тоа го отежнува работењето, но и животот на центарци. Би рекол дека најголем проблем е комуналната хигиена и ова што се случува со Град Скопје. Ако ги следите моите активности ќе видите дека ние четири години постојано чистиме зад нив и хаосот кој ни го оставаат. Бевме приморани да обезбедиме дополнителна механизација само за да постигнеме да исчистиме она што не е наша работа, вели во интервју за „Локално“, градоначалникот на Општина Центар и кандидат за втор мандат, Горан Герасимовски околу тоа кои се поплаките на граѓаните од неговата општина по средбите низ маалата.

Според Герасимовски, во пресрет на предизборната кампања за локалните избори, реална идеја е центарот на градот, т.н. „Мал Ринг“ да стане пешачка зона со строг режим за возила. Смета дека може да се пренасочи сегашниот сообраќаен хаос и смета дека планот на претходниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов беше многу издржан и ова што сега неговата сопартијка, Каја Шукова го нуди е во таа насока.

Градоначалникот порачува дека ги почитува сите опоненти и оценува дека секоја нивна добра идеја ќе биде дел од идните проекти на Центар. Сепак, за изборот на ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи кандидатот на ЗНАМ за Центар вели дека е нивна работа и дека не го интересира.

-Јас лично сметам дека нема воопшто место за политика и политизирање во локалната самоуправа, ова постојано го повторувам. Како тоа ќе тераме политика за јавна хигиена? Како тоа да тераме политика и политички препукувања за квалитетот на градинките? За поддршката за возрасните? За социјалните проекти? Нема ништо политичко реално во локалната самоуправа, ние сме сервис на граѓаните и тоа е сè што треба да бидеме. Ова е моето поимање на позицијата градоначалник, порачува Герасимовски.

Меѓу другото, најавува изградба на нова градинка во близина на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, но и проект за изградба и реконструкција на два нови покриени базени, кои се лоцирани во ООУ „Димитар Миладинов“ и во ООУ „11 Октомври“.

Четири години на чело на Општина Центар. Влеговте во трка за нов мандат. Дали доволно постигнавте за центарци и дали ги реализиравте ветувањата за повторно да ја добиете нивната доверба?

-Сметам дека заедно со мојот тим имавме успешен мандат. Успеавме за четири години да реализираме над 92% од програмата, што за мене, а и за граѓаните на Центар, беше многу значајно.

Секако дека не може да се реализираат сите зацртани проекти, некои едноставно и не зависеа од нас. Еден од тие е продолжението на монтажниот паркинг во Капиштец, за што бевме спречени од Град Скопје. Но, затоа пак реализиравме и многу проекти кои воопшто не ги планиравме, особено во делот на поддршка за возрасните, училиштата и градинките, како и многу проекти за финансиска поддршка на нашите граѓани. Во првиот мандат, целосно со сопствени средства ја изградивме градинката „Пролет“ и сум единствениот градоначалник во Скопје кој почна и заврши таков капитален проект. Отворивме 3 пензионерски клубови и реконструиравме 24 улици. Ова се добри резултати и ме радува што граѓаните го препознаваат тоа.

Во последниот период остварувате средби со граѓани по маалата низ вашата општина. На што најмногу се жалат? Кои се поплаките на центарци?

-Центар е комплексна општина, целиот град практично доаѓа овде, односно целата држава. Има огромна фреквенција на луѓе и автомобили и сето тоа го отежнува работењето, но и животот на центарци. Би рекол дека најголем проблем е комуналната хигиена и ова што се случува со Град Скопје. Ако ги следите моите активности ќе видите дека ние четири години постојано чистиме зад нив и хаосот кој ни го оставаат. Бевме приморани да обезбедиме дополнителна механизација само за да постигнеме да исчистиме она што не е наша работа. Деловите од Центар пак кои се во наша надлежност сметам дека одлично се одржуваат. Јас би бил најсреќен кога надлежностите со Градот не би биле испреплетени, туку сами да си одговараме за нашата хигиена. Но, за жал, тоа не е така и се надевам дека со идниот градоначалник на Скопје ќе имаме добра соработка.

Што се однесува до нашите капацитети, сметам дека имаме врвно претпријатие за хигиена со мотивирани работници кои се пријавени со солидни плати и одлична организација. Ние сме единствена општина која чисти со вода и шмркови, која мете со метларки и има ефикасно работење. Секако може подобро и повеќе и затоа во следниот мандат ќе набавиме уште повеќе механизација, две нови цистерни и други машини со што Центар ќе свети. Ќе го вратиме сјајот на Центарот онака како што го паметиме од детството, кога секое утро се чистеа улиците со цистерни.

Фото: Фејсбук профил на Горан Герасимовски

Од останатите проблеми, секако е тука паркирањето, за кое имаме доста направено, но како што кажав, во Центар е целиот сообраќај и едноставно некогаш паркинг простор не се наоѓа. Но, она што е важно е дека ги направивме резидентните паркинзи речиси за сите граѓани на Центар и го заштитивме нивното право на паркинг.

Сообраќајниот хаос во вашата општина е еден од најгорчливите проблеми на градот. Во 2021 година изјавивте дека Општина Центар ја замислувате со повеќе зеленило и средени урбанистички планови. Исто така истакнавте дека „Боемска 2“ ќе биде пешачка зона. Во јуни Општината објави дека постои сообраќајно решение со кое низ Дебар Маало ќе се постават рампи за да се забрани влез на возила и да се реши проблемот со големите гужви и паркирани коли насекаде, барем во текот на викендот. Каде заглави ваквото ветување?

-Дебар Маало ќе се затвори, но за тоа е потребен сериозен проект и координација на многу институции. И во ова влегуваме многу внимателно. Точно е дека се работи на идејата, но додека немаме целосна слика и функционално решение, нема да експериментираме. Не смее да дозволиме блокада на сообраќајот или движењето на граѓаните, ниту пак отежнат дотур на стока по комерцијалните објекти. Идејата е во следниот мандат етапно, дел по дел, да го затвораме, додека не се затвори целото Дебар Маало и се воспостави јасен режим на движење на возила за оние кои живеат тука.

За оваа намена веќе изработивме проект кој е ревидиран и доставен до Сообраќајна полиција. Очекуваме насоки од нив за тоа што понатаму и кои корекции е потребно да се направат.

Центарот на градот, Мал Ринг, кандидатката за градоначалник, Каја Шукова го гледа како пешачка зона со строг режим за возила и со пристап за жителите. Првиот чекор што го најавува е затворање на улицата Димитрие Чуповски од „Палома Бјанка“ до Порта Македонија – околу 400 метри – и прераспределба на сообраќајот по периферијата на малиот и големиот ринг со јасни режими. Кое е вашето мислење за овој план на вашата сопартијка? Дали може да се пренасочи сегашниот сообраќаен хаос?

-Секако дека може. Сметам дека планот на претходниот градоначалник Шилегов од редовите на СДСМ беше многу издржан и ова што сега Каја го нуди е во таа насока. Нема друг спас за Скопје освен да се направи прерутирање на сообраќајот од центарот. За тоа да се регулира, ако добро се сеќавам, прво мора да се заврши подземната сообраќајница кај Лимак и кружниот тек кај „Нова Македонија“. Овој проект е во завршна фаза веќе 4 години, но Град Скопје целосно го запре. Потоа, потребни се уште неколку зафати на северниот дел на градот, со што сообраќајот непречено и брзо ќе се одвива по овие две трансверзали, односно паралели на јужната и северната страна. Дури потоа може да се започне затворањето на Мал Ринг со паралелно воведување на БРТ системот за превоз, кој сметам дека е апсолутно најдоброто решение за Скопје. Жално е што оваа визија и сериозен урбанистички план не се спроведе, а анализите и проектот беа направени од светски познати архитекти и проектанти.

Актуелниот градоначалник често е под напад од страна на ВМРО-ДПМНЕ, но и ЗНАМ. Обвинуваат дека Општината е претворена во „магацин на нереализирани ветувања“. Велат дека Општина Центар не доби парк и административна зграда кај ПУИК, не доби парк со игралиште кај Клинички, ниту пак кај куќата на Есма на Кале… Видовме дека двете партии ќе настапат со заеднички кандидат. Колку се реални шансите за продолжување на владеењето на СДСМ во Центар?

-Разбирам дека во политиката критиката од опонентите е нормална работа, но исто така е доблесно и да се признае сè што е направено. Општинската зграда е проект кој не може да се реализира во еден мандат – станува збор за огромен зафат кој ќе обезбеди 300 подземни паркинг-места и еколошки ефикасна зграда со минимум импакт врз животната средина, во рамки на постојната парцела. Притоа, треба да се има предвид дека изгубивме две и пол години само за да го добиеме земјиштето во владение. Ова бара време и сериозно планирање. Сите останати проекти се реализирани и повеќе од тоа. На пример, готова е новата сала на Работнички, ја споменав градинката „Пролет“, направивме доградба на училиштето „Коле Неделковски“, реновирани се сите училишта и градинки. Реализиравме низа сериозни капитални проекти и затоа критиките за ова се целосно неиздржани.

Што се однесува до резултатот, очекувам победа и глас од сите граѓани без разлика на нивната политичка припадност, и ќе ви кажам и зошто. Центар е единствената општина каде советот, додека јас бев градоначалник, функционираше како сите да сме од една партија. Сите предлози, без разлика од која група доаѓаа, беа разгледувани и прифатени. Десетици проекти и мерки се спроведени на предлог на опозицијата. Претседател на Совет имаме од ВМРО-ДПМНЕ и тоа не беше никаква пречка за соработка и реализација. Во Центар покажав дека општината ми е над политиката. Ние сме вистински пример за демократско управување кое дава резултати.

И затоа јас на овие избори одам со јасна порака: „За Центар што го сакаме“. Затоа што сите сакаме чист Центар, Центар кој соработува, Центар во кој транспарентноста е на прво место, Центар во кој секој има право да придонесе без разлика од која партија или граѓанско здружение. Ова е мојата визија и начин на работа.

Фото: Фејсбук профил на Горан Герасимовски

Заради овој пристап, ние во Центар нема ниеден скандал, ниедна корупциска афера за четири години, затоа што сè е отворено и заедно се работи. Ние сме единствени што имаме претставници на граѓански здруженија на листите за советници. На пример, јас сум единствениот градоначалник кој нема потрошено ниту денар на службени патувања или ручеци. Секаде се движам со велосипед. Ова му доликува на Центар и затоа верувам дека центарци ова го препознаваат и ќе го наградат.

Што се однесува до моите опоненти ги почитувам сите. Секоја нивна добра идеја ќе биде дел од идните проекти на Центар. Тоа е убавината на демократијата, секој да може да придонесе и сечие мислење да се земе предвид. Само така може да ги избереме најдобрите решенија, но и да ги мотивираме луѓето да ни се приклучат.

Кога сме веќе кај вашите противкандидати, видовме заедничка соработка на партиите од власт кога се работи за градоначалничкото место. Зошто ВМРО-ДПМНЕ го избегна Центар и реши да ги поддржи „старите кадри на СДСМ“?

-Искрено, не знам и не е нешто што ме интересира. Како ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициски партнери се договараат е нивна работа. Јас имам коалиција со сите граѓани. Мора да разбереме една работа, а тоа е дека локалната политика мора да е натпревар на идеи, таа мора да е суштински различна од централната.

Јас лично сметам дека нема воопшто место за политика и политизирање во локалната самоуправа, ова постојано го повторувам. Како тоа ќе тераме политика за јавна хигиена? Како тоа да тераме политика и политички препукувања за квалитетот на градинките? За поддршката за возрасните? За социјалните проекти? Нема ништо политичко реално во локалната самоуправа, ние сме сервис на граѓаните и тоа е сè што треба да бидеме. Ова е моето поимање на позицијата градоначалник.

Иако завршува мандатот на градоначалничката, сè уште е актуелен судирот на релација Арсовска – ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје и обвинувањата за попречување во реализацијата на проекти. Гледаме дека и вие се жалите на затрупани улици со смет и преполни контејнери. Како гледате на овие препукувања од кои најмногу трпеа граѓаните? Дали Градот „изгуби“ четири години?

-Кажав во воведот колку тоа нам ни отежна во работењето, но и ни ја наруши перцепцијата кај граѓаните за хигиената во Центар. Одговорно тврдам дека ако целата хигиена беше наша надлежност Центар ќе свети. Но, за жал, изгубивме четири години во партиски препукувања во Скопје и тоа беше единствено на штета на скопјани. Скопје е пример што се случува кога ја мешате политиката во локалната самоуправа, граѓаните трпат огромни штети од ѓубре, загадување, нефункционален превоз.

Тоа во Центар, под мое водство, никогаш нема да се случи. Јас по природа сум човек кој сака да соработува, кој сака да слушне идеи, ниту мислам дека сум јас најпаметен, ниту сум суетен, ниту дозволувам политичката определба да ми дефинира дали ќе постапам правилно и во интерес на граѓаните. Тоа, за жал, не беше случај во Скопје и штетите се огромни. А, најжално е тоа што градот застана целосно, па би рекол и многу назадуваше.

Како ја замислувате општината во наредните четири години, доколку ја добиете поддршката од центарци?

-Имаме многу амбициозна програма која е направена на база на моите темелни средби со сите граѓани, во секое маало и со секоја целна група – пензионери, млади, родители итн. За секој граѓанин и за секоја населба имаме планирано точно и прецизно што ќе работиме. Ова е мојот принцип: наменски проекти според приоритетите на граѓаните.

Јас кажав неколку пати и пак ќе повторам, ние сме сервис. Како и секоја компанија која е сервисна, така и општината мора да има предвид кои се потребите на оние на кои им служи.

Од клучните проекти би рекол дека најважен е новиот старечки дом, кој ќе биде со практично минимална партиципација за сместување. Во Центар живеат многу пензионери и ова е на нивно барање. Сите знаеме колку е тешко и скапо сместувањето по приватните домови. Ќе ја зголемиме и финансиската поддршка од 2.500 на 5.000 денари за пензионерите во социјален ризик, но и низа проекти за социјализација, бесплатни екскурзии и нови содржини.

За родителите имаме низа олеснувања. Најважното е што оброкот за сите ученици во целодневна настава ќе биде бесплатен, што значи заштеда до 2.500 денари месечно по ученик за секое семејство. Ќе продолжиме интензивно со реконструкција на училиштата и градинките за идеални услови за нашите најмили.

Планираме изградба на нова градинка во близина на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Оваа градинка ќе биде изградена според највисоки стандарди за безбедност и квалитет, по примерот на новата градинка „Пролет“ за која сите велат дека е најубавата градинка во државата. Ова многу ме радува затоа што успеавме да ја изградиме во еден мандат, со општински буџет. Со изградбата на новата градинка нова шанса за работа ќе добијат околу 25 воспитувачи, негуватели, стручни соработници и помошен персонал.

Сакаме младите да стекнат здрави спортски навики уште од рана возраст, што ќе придонесе за нивен правилен развој, на дисциплина, за физичка активност. Поради тоа, почнавме со реализација на проект за изградба и реконструкција на два нови покриени базени, кои се лоцирани во ООУ „Димитар Миладинов“ и во ООУ „11 Октомври“. Овие базени ќе бидат модерни и приспособени за целогодишно користење, со што значително ќе ги подобриме можностите за спортско-рекреативни активности.

Како новина, би ја издвоил Центарската картичка што ќе им овозможи пристап до бројни попусти и поволности на жителите и на бизнис-заедницата од Центар. Тие ќе можат да ја користат во маркети и бутици, угостителски објекти, кина и театри, теретани и други спортски објекти, но и за медицински и козметички услуги. Со ова, ќе им овозможиме на центарци подобри услови и поволности во секојдневието.

Сакаме жителите да живеат подобро и решивме да ги зголемиме субвенциите за сите категории граѓани. Го зголемуваме надоместокот за новороденче за 50%. Со оваа поддршка, родителите ќе добијат дополнителни средства во најважниот период, кога се раѓа нов живот и кога започнуваат новите семејни предизвици. Стипендиите за талентираните ученици исто така ги зголемуваме за 50% и како што кажав претходно, еднократната парична помош за пензионерите чии пензии се до висина на просечната пензија ја зголемуваме од 2.500 на 5.000 денари. Со новите мерки обезбедуваме достоинствен живот. Продолжуваме со реконструкција и на улиците, со цел поголема безбедност во сообраќајот за пешаците и возачите. Ова се само еден дел од проектите кои ќе почнеме да ги реализираме во новиот мандат. Нашата програма за работа ја пишувавме заедно со граѓаните. Слушавме, разговаравме, консултиравме експерти и ја подготвивме со конкретен план, за сите граѓани, за сите маала и населби. Верувам дека повторно граѓаните, сите ние ќе го направиме вистинскиот избор за Центар што го сакаме.

Н.П.