Иако загадувањето на воздухот е глобален проблем, кој зема сѐ поголем замав и претставува сериозна опасност по здравјето на сите нас, сепак истражувањата покажуваат дека најзасегнати се децата. Загадувањето на воздухот предизвикува и краткорочни и долгорочни последици кај децата, со оглед на фактот дека се во фаза на раст и развој, па нивните бели дробови и мозокот не се целосно оформени.
Од Канцеларијата на УНИЦЕФ за „Локално“ велат дека последните инциденти со нерегулирани депонии и пожари на сметишта се особено загрижувачки.
Како што потенцираат, неконтролираното согорување отпад ослободува опасни материи – вклучувајќи суспендирани честички, јаглерод моноксид, азотни и сулфурни оксиди, испарливи органски соединенија, перо- и полифлуороалкилни супстанции (PFAS) и тешки метали – директно во воздухот, што претставува сериозен здравствен ризик, особено за децата кои живеат во близина.
Зголемен доживотен ризик од хронични заболувања, намалена работа на тироидната жлезда и имунолошкиот систем – можни последици кај децата
-Кај децата, последиците од изложеност на вакви емисии се длабоки. Документираните влијанија вклучуваат неонатални нарушувања, намалена функција на белите дробови, намалена работа на тироидната жлезда и имунолошкиот систем, задоцнувања во развојот на нервниот систем и когнитивни задоцнувања, како и зголемен доживотен ризик од хронични заболувања како што се рак, кардиоваскуларни болести и дијабетес. Истражувањата исто така покажале дека децата кои живеат во близина на депонии може да имаат намален развој на нервниот систем, повисоки стапки на развојни нарушувања и зголемени нивоа на токсични тешки метали во своите тела, потенцираат од Канцеларијата на УНИЦЕФ.
Според организацијата, загадувањето на воздухот е една од најголемите закани за здравјето на децата, а во Северна Македонија ризиците се загрижувачки високи. Со загадувањето на воздухот се поврзани 11,6 проценти од сите смртни случаи на деца до една година.
-Загадениот воздух предизвикува и непосредни и долгорочни здравствени последици кај децата кои можат да бидат неповратни и е поврзан со респираторни заболувања како пневмонија, бронхитис и астма. Може да ги влоши постоечките здравствени состојби и да го наруши физичкиот и когнитивниот развој на децата, велат од Канцеларијата на УНИЦЕФ.
Како што појаснуваат, надворешното загадување на воздухот во градови како Скопје редовно го надминува безбедносниот праг на СЗО, често повеќе од 100 дена годишно за главните загадувачи како ПМ₂.₅ и ПМ₁₀. Други градови – Тетово, Битола, Кавадарци, Струмица и Кочани – исто така имаат особено високи нивоа за време на зимските месеци. Загадувањето најмногу потекнува од емисии предизвикани од согорување јаглен и дрва при традиционалниот начин на греење што значително придонесува за загадување и на надворешниот и на внатрешниот простор.
–Една понова студија за квалитетот на воздухот во одредени училишта покажа дека нивото на ПМ₂.₅ е значително повисоко (2 до 3 пати над дозволените граници) од препораките на СЗО. Дополнително, овие високи нивоа на загадување во затворен простор се задржуваат во текот на целата година, за разлика од надворешното загадување кое се намалува по завршувањето на грејната сезона. Други извори на загадување вклучуваат термоцентрали и фабрики кои согоруваат фосилни горива, сообраќај, лошо управување со отпад, градежни активности, интензивна употреба на ѓубрива и пестициди, палење на земјоделски отпад и шумски пожари – кои, за жал, стануваат сè почести за време на летните месеци, потенцираат од организацијата.
Оттаму велат дека иако семејствата можат да преземат одредени чекори за да го намалат изложувањето на своите деца на загаден воздух, трајна заштита е можна само преку силни мерки од страна на владата и општините.
Да се следи локалната состојба со квалитетот на воздухот и да се ограничи времето на отворено за време на висока загаденост
Тие се на ставот дека во домот и секојдневниот живот, родителите можат да ја следат локалната состојба со квалитетот на воздухот и да го ограничат времето на децата на отворено за време на денови со висока загаденост, особено избегнувајќи напорни активности. Можат да го намалат престојот во близина на прометни улици или индустриски зони и да ги задржат децата во затворени простории кога квалитетот на воздухот е екстремно лош (како за време на пожари или горење депонии).
Појаснуваат дека квалитетот на воздухот во затворен простор може да се подобри со користење почисти горива и технологии за готвење и греење, обезбедување соодветна вентилација, избегнување на пушење во затворен простор и редовно одржување на шпоретите и оџаците.
-Семејствата исто така можат да го ограничат присуството на други загадувачи во домот, како свеќи, миризливи стапчиња и агресивни хемиски средства за чистење, а каде што е можно да користат прочистувачи на воздух со ХЕПА филтри, особено во просториите каде што децата спијат ноќе. Зајакнувањето на отпорноста на децата преку здрава исхрана, исклучиво доење во првите шест месеци, навремена имунизација (вклучително и пневмококна вакцина) и безбедни можности за игра кога воздухот на отворено е чист е исто така многу важно, додаваат од Канцеларијата на УНИЦЕФ.
На ниво на заедница и политики, појаснуваат, општините и владата имаат и можност и одговорност да дејствуваат.
-Тоа подразбира построго спроведување на стандардите за управување со отпад, сообраќај и индустриски емисии, повеќе зелени површини каде што децата може безбедно да се движат и воспоставување зони без загадување околу училиштата и здравствените установи. Потребни се и посилни мерки за превенција од пожари и инвестиции во системи за следење на квалитетот на воздухот и секојдневни алармни системи. Националниот план за квалитет на воздухот треба да содржи специфични мерки за заштита на бремените жени и доенчињата, како што се регулативи за греење во домаќинствата, стандарди за емисии и пристап до чиста енергија, додаваат од организацијата.
Како што потенцираат, општинските мерки треба исто така да интегрираат мерки усогласени со потребите на децата во здравствените, еколошките и климатските планови, како и да поддржат еколошко образование и младински иницијативи кои ја подигаат свеста, ја градат отпорноста и го поттикнуваат граѓанското учество.
-Свесноста за здравствените ризици од загадувањето на воздухот расте, особено благодарение на извештаи како што е „Почеток на животот без здив: политики за заштита на децата од загадување на воздухот во Европа и Централна Азија“, во кој се документираше врската помеѓу смртноста кај новороденчињата и загадениот воздух. Сепак, свесноста не е рамномерно распоредена. Луѓето што живеат во градови каде што честопати се забележуваат високи нивоа на загаденост на воздухот, може да бидат посензибилизирани, додека руралните и социјално ранливите заедници често немаат редовен пристап до сигурни информации. Дополнително, сегашните мерки сè уште не се доволно прилагодени на специфичните потреби на децата и бремените жени, а во локалните еколошки и здравствени планови често недостасува детската перспектива, потенцираат од Канцеларијата на УНИЦЕФ.
Појаснуваат дека Северна Македонија е меѓу највисоко рангираните земји во светот според преваленцата на пушење, со 46 проценти од населението кои се пушачи. Децата често се изложени на пасивно пушење на местата каде што престојуваат – дома, околу училиштата и во ресторани. Оваа изложеност го зголемува ризикот од респираторни инфекции и може да придонесе до сериозни здравствени компликации во раното детство.
-Она што охрабрува е сè поголемото ангажирање на адолесцентите и младите. Низ цела Северна Македонија тие се мобилизираат околу локални иницијативи за да бараат почист воздух и поголема транспарентност во креирањето политики. Преку програми поддржани од УНИЦЕФ, како што се Мрежата за експериментално учење и младинските кампањи за чист воздух, адолесцентите учат како да го следат квалитетот на воздухот, да соработуваат со општините и да застапуваат решенија насочени кон децата. Овој активизам не само што ја подига свесноста, туку и обезбедува дека гласовите на децата и младите – оние што се најпогодени од кризата – се слушнати во донесувањето одлуки, појаснуваат од Канцеларијата на УНИЦЕФ.
Потребно зајакнување на здравствените услуги за мајки и деца, намалување на изложеноста на пасивно пушење
Според Канцеларијата на УНИЦЕФ, итните мерки треба да се фокусираат на обезбедување точна и достапна комуникација, насочена кон потребите на децата, за здравствените последици од загадувањето на воздухот, вклучувајќи ги ризиците за време на бременоста.
Исто така, треба да се фокусира и на зајакнување на здравствените услуги за мајки и деца со цел советување на семејствата за намалување на изложеноста и ублажување на ризиците.
Потребно е и намалување на изложеноста на пасивно пушење – кое претставува голем ризик за бремени жени и деца од сите возрасти – преку спроведување мерки за контрола на пушењето на јавни места и промоција на општествени норми што можат да помогнат да се намали изложеноста на децата на пасивно пушење дома.
-Проширување на системите за мониторинг и алармирање за квалитетот на воздухот во сите заедници, вклучувајќи ги руралните подрачја. Приоритизирање на инвестиции во чиста енергија, построго спроведување на стандардите за емисии и реформи во управувањето со отпад. Поддршка на младинските иницијативи и граѓанската вклученост, за децата и младите да останат клучни актери во градењето почисти, поздрави и поодржливи заедници, додаваат од Канцеларијата на УНИЦЕФ.
Б.Т.