УНИЦЕФ: Загадувањето на воздухот сериозен проблем за децата, општините и владата имаат одговорност да дејствуваат

Квалитетот на воздухот во затворен простор може да се подобри со користење почисти горива и технологии за готвење и греење, велат за „Локално“ од Канцеларијата на УНИЦЕФ.

од Бисера Трајковска
13 прегледи Фото: Локално

Последните инциденти со нерегулирани депонии и пожари на сметишта се особено загрижувачки за децата. Потребно е да се следи локалната состојба со квалитетот на воздухот и да се ограничи времето на отворено за време на висока загаденост, велат за „Локално“ од Канцеларијата на УНИЦЕФ.

Тие се на ставот дека во домот и секојдневниот живот, родителите можат да ја следат локалната состојба со квалитетот на воздухот и да го ограничат времето на децата на отворено за време на денови со висока загаденост, особено избегнувајќи напорни активности. Можат да го намалат престојот во близина на прометни улици или индустриски зони и да ги задржат децата во затворени простории кога квалитетот на воздухот е екстремно лош (како за време на пожари или горење депонии).

Појаснуваат дека квалитетот на воздухот во затворен простор може да се подобри со користење почисти горива и технологии за готвење и греење, обезбедување соодветна вентилација, избегнување на пушење во затворен простор и редовно одржување на шпоретите и оџаците.

-Семејствата исто така можат да го ограничат присуството на други загадувачи во домот, како свеќи, миризливи стапчиња и агресивни хемиски средства за чистење, а каде што е можно да користат прочистувачи на воздух со ХЕПА филтри, особено во просториите каде што децата спијат ноќе. Зајакнувањето на отпорноста на децата преку здрава исхрана, исклучиво доење во првите шест месеци, навремена имунизација (вклучително и пневмококна вакцина) и безбедни можности за игра кога воздухот на отворено е чист е исто така многу важно, додаваат од Канцеларијата на УНИЦЕФ.

На ниво на заедница и политики, појаснуваат, општините и владата имаат и можност и одговорност да дејствуваат.

Б.Т.