„Владата на Северна Македонија не ги исполнува целосно минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе, но вложува значителни напори за да го стори тоа. Владата покажа генерално зголемени напори во споредба со претходниот период на известување. Оттаму Северна Македонија остана на Ниво 2. Овие напори вклучуваа истрага на повеќе сомнителни случаи на трговија со луѓе и гонење на повеќе обвинети“, се наведува во Извештајот на американскиот Стејт Департмент за трговијата со луѓе во светот за 2025 година.
Се додава Владата не обезбедила специјална помош за машките жртви и немаше долгорочни услуги за поддршка за сите жртви.
„Поради недоследно проверување од страна на локалната полиција и некои гранични службеници, владата не презеде ефикасни мерки за да спречи несоодветно казнување на потенцијалните жртви само за незаконски дела извршени како директен резултат на трговијата со луѓе. Владата продолжи да сместува странски потенцијални жртви во транзитниот центар без слобода на движење“, се додава во Извештајот.
Во него се посочени и препораки за земјава за подобрување на состојбата, меѓу кои, енергично истражување, гонење и процесуирање на кривичните дела поврзани со трговија со луѓе, вклучително и оние во кои има соучесници, изрекување соодветни казни за осудените трговци со луѓе, што треба да вклучува и значителни затворски казни.
Се препорачува и подобро и побезбедно сместување за потенцијалните странски жртви на трговија со луѓе и дозволување на жртвите да ги напуштат засолништата по своја волја, воспоставување пристап до алтернативно сместување на жртвите по напуштањето на засолништето или кога засолништето е полно.