Ако се оди како што треба на двете страни, во 2031, 2032 година треба да може да се патува со воз од Скопје до Бургас, најави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој во одговор на новинарско прашање на промотивен настан на кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, потврди дека на 4 ноември, кога ќе завршат сите ограничувања заради изборите, ќе се потпише договорот за заедничка изградба на прекуграничниот тунел на пругата кон Бугарија, како што е договорено во јуни годинава.
-Во јуни имавме средба со вицепремиерот и министер за транспорт Караџов во Истанбул, една корисна конструктивна средба каде што првпат после скоро година дена, седнавме да ги разгледаме реалните проблеми коишто се од инженерски, а не од политички карактер. Имајќи предвид дека средбата беше таква, стручна за теми коишто не се поврзани со политика, затоа што градење пруга не е политика најдовме многу брзо решение, посочи Николоски.
Како што прецизира, договорено е Македонија да ја изгради третата фаза од железницата кон Бугарија, првата, додаде, е изградена, а втората се гради во моментов.