„Додека Мицкоски продолжува да ги убедува граѓаните дека треба да имаме многудетни семејства, неговата Влада прави сè за да не им го овозможи тоа. Мицкоски, кој доаѓа од високата класа и има часовници од 60.000 евра и бизнис од 10 милиони евра, не може да разбере дека за одгледување на повеќе деца се потребни пари и услови“, пораач од СДСМ до премиерот откако тој претходно изјави дека формирањето на многудетно семејство е најпатриотскиот чин на еден народ.
СДСМ го прашува Мицкоски дали знае дека според последните статистики дури 22% од децата живеат во сиромаштија.
-Наместо да работи на политики за зајакнување на стандардот, покачување на платите, обезбедување поддршка за мајките и жените, наместо да се бори со конкретни механизми за да ги мотивира младите брачни парови да имаат деца, тој им беседи за патриотизам. На Мицкоски треба да му е јасно дека сите сакаат деца, но за да се имаат повеќе деца потребно е родителите да се чувствуваат сигурни, со стабилни приходи и да живеат во перспективна држава. Ништо од тоа не е Македонија на Мицкоски во овој момент, посочуваат од СДСМ.
Партијата од „Бихаќка“ додава дека патриотизам е да се бориш за луѓето, за секое семејство, да ги покачуваш платите, а не да ја штитиш олигархијата.
Владата и Фондот на население на Обединетите нации се надеваат со петгодишна стратегија за демографска отпорност. Македонија се соочува со сериозна демографска криза – бројот на новородени кој во 1950 година достигнува до педесет илјади на годишно ниво, сега е тројно намален.