Младинскиот глас отсуствува во креирањето политики: „Бројката на млади кои гласаат е задоволителна, но не е одраз на активната вклученост“

Младинското учество во политиката сведено на апатија: „Недостасува силна институционална поддршка и повисоко информирање“

од Бисера Трајковска
23 прегледи Фото: Принтскрин/РСЕ

Во време кога се одвива изборната кампања за претстојните локални избори и кога речиси секоја години сведочиме на изборни кампањи, младите во државата се уште се поделени по нивната активна инволвираност и присутност во политичката сфера. Се поставува прашањето колку националните пристапи се ефективни и ефикасни за зголемување на вклученоста на младите на изборите?

Од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) за „Локално“ велат дека младите сè уште не ја гледаат политиката како алатка за промени, туку најчесто ја поистоветуваат со партиите, што заедно со недовербата кон институциите ја ограничува нивната вклученост во изборниот процес. 

Во контекст на почетокот на кампањата за локалните избори во Македонија, од НМСМ се на ставот дека младите ќе стануваат поприсутни во политичкиот дискурс и јавната дебата меѓу политичките партии до денот на изборите, но како декларативен дел од политичките програми на кандидатите. 

-Осум од десет млади се опишуваат себеси како главно или воопшто неактивни граѓани, што е јасен индикатор за перцепцијата на младите за положбата во општеството. Иако младинските прашања често се вклучени во програмите и се предмет на ветувања, младите најчесто учествуваат како гласачи и поддржувачи, додека нивното учество како кандидати или носители на одлуки во политичките партии е минимално, потенцираат од НМСМ.

Како што појаснуваат, видливо е дека се неопходни системски мерки за засилување на младинското учество преку создавање на инклузивни платформи за вклучување во политиката, мотивирање на младите да бидат кандидати и обезбедување на поефективна институционална поддршка. 

Ова, појаснуваат од здружението, ќе овозможи младите да имаат активна улога и влијание во демократските процеси и креирањето политики на локално и национално ниво, со што ќе се градат посилни основи за демократско и инклузивно општество во Македонија.

Екстремно ниска е довербата на младите во институциите и политичарите

Од НМСМ се на ставот дека младинското учество е сведено на голема апатија и отсуство на младински глас во креирањето политики. 

Фото: Принтскрин/РСЕ

Како што потенцираат, вклученоста на младите луѓе во донесувањето одлуки, како на локално така и на национално ниво, е сè уште релативно ниска, а уште позначаен предизвик е екстремно ниската доверба во институциите и политичарите. 

-Околу 51,4 проценти од младите сметаат дека властите воопшто не се грижат за нивните проблеми. Три четвртини од младите досега не биле вклучени или консултирани од локалните или националните институциите при носењето одлуки. Недостатокот од силна институционална поддршка, ниското информирање и перцепцијата за политичка маргинализација создаваат бариери за нивна поголема вклученост, додаваат од НМСМ.

Потсетуваат дека поминаа пет години од донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики, а проблемите со неговата имплементација остануваат нерешени. 

-Повеќе Младински центри престануваат да функционираат отколку што се отвараат нови. Локалните младински совети има во мал број општини, а се доведува и во прашање нивното влијание и функционалност пред Советите на Општините. Службениците за млади не се запознаени со надлежностите и обврските што доаѓаат со таа позиција, а Националното собрание на млади сеуште не е воспоставено, што дополнително ги ограничува можностите за формално учество, појаснуваат од НМСМ.

Расте иницијатива кај младите преку неформални групи, дигитални кампањи и невладини организации

Сепак, потенцираат од НМСМ, се забележува и растечка иницијатива кај младите преку неформални групи, дигитални кампањи и невладини организации кои го стимулираат младинскиот активизам и свеста за важноста од политичко учество. 

Како што велат, бројката на младите кои излегуваат на гласање е формално задоволителна, но таа не е одраз на нивната активна вклученост во политичките промени. 

-Според студијата на Вестминстер Фондацијата за демократија за социо-политичко учество на младите од 2023 година, девет од десет млади луѓе во земјата секогаш или понекогаш гласаат на избори, од кои 59 проценти изјавуваат дека секогаш гласаат. Оваа висока излезност укажува на прифаќање на гласањето како основна граѓанска должност, таа е во остар контраст со нивното ниско учество во други форми на политички ангажман, додаваат од Националниот младински сојуз на Македонија.

Жалосно е, потенцираат, но најчестите одговори на прашањето кои се причините за активно учество се корупцијата, недостигот на економски можности и лошиот образовен систем. 

-Ова се столбовите на апатијата на младите, којашто во својата крајна форма станува миграција. Личниот двигател е високата перцепција за корупција и непотизам, што го уништува чувството за правичност кај младите. Тие ја губат вербата во системот кога гледаат дека успехот и вработувањето не зависат од квалификациите и трудот, туку од партиската книшка или личните врски. Ова создава силна фрустрација и чувство дека државата не нуди фер шанса, што директно ја намалува нивната мотивација за граѓански ангажман и ги насочува кон барање средина каде што владеењето на правото е посилно, додаваат од НМСМ.

Оттаму велат дека иако бројот на невработени млади формално се намалува, недостатокот на квалитетни и добро платени работни места останува клучен проблем. 

Појаснуваат дека платите не се доволни за обезбедување на самостоен живот, решавање на станбеното прашање или планирање на семејство. Дополнително, појаснуваат, честа е појавата на несигурни договори и работа под неетички услови. 

-Младите не гледаат стабилност и предвидливост во домашната економија, што ги принудува да бараат земји кои нудат повисок стандард и сигурност за иднината. Критиките кон образовниот систем се насочени кон неговата неефикасност и неусогласеност со потребите на пазарот на трудот. Младите сметаат дека квалитетот на образованието е низок, а дипломата не гарантира работа или стекнување практични вештини, велат од НМСМ. 

Ова, појаснуваат, ги тера младите да бараат поквалитетно доедуцирање или специјализација во странство, што најчесто е првиот и најодлучувачки чекор кон трајната миграција. 

Б.Т.

Слични содржини