Истражувачката репортерска лабораторија во неделата објави сторија со наслов „Нашиот морален компромис“, во чии 22 минути и 30 секунди се објавени нови снимки и сведоштва на родители на загинати млади и лица кои биле во објектот кобната вечер. Во документарецот ИРЛ објави и, како што се тврди во материјалот, текстуални разговори преку апликации за комуникација меѓу сопствениците на т.н. кабаре и инспектори од УЈП и МВР. Според ИРЛ, комуникацијата што ја добиле од свиркач покажува дека дел од инспекторите ги информираат сопствениците на објектот кога ќе има контроли во него, а може да се види и комуникација која имплицира дека се разговара за часовник како подарок за еден од државните службеници. Во објавата на ИРЛ беа презентирани комуникации меѓу вработени лица и даночен обврзник, кои укажуваат на можност за оддавање на даночна тајна, како и неовластено информирање за претстојни контроли и координирани активности со други надлежни институции.
По неколкудневен молк, вчера се огласија и од УЈП. Велат дека веднаш пристапиле кон спроведување на внатрешна проверка на наводите изнесени во објавата на ИРЛ и донеле решение за суспензија на вработените лица кои се опфатени во случајот, сè додека трае постапката за утврдување на фактичката состојба.
-Оваа мерка е преземена со цел заштита на институционалниот интегритет, угледот на Управата и довербата на граѓаните. Ваквото однесување претставува сериозно прекршување на Кодексот на однесување на вработените во УЈП. Управата за јавни приходи останува цврсто посветена на принципите на законитост, транспарентност и професионализам, и ќе продолжи да спроведува нулта толеранција кон секое однесување што ги нарушува овие вредности. Граѓаните можат да бидат уверени дека УЈП ќе продолжи да делува исклучиво во јавен интерес, со највисоко ниво на етика, одговорност и отчетност, нагласуваат од УЈП.
Ваквиот развој на настаните за една од најголеми трагедии во историјата на Македонија останува дамка дали некоја државна институција е „имуна“ на корупција и мито? Околу тоа дали по овој случај е разнишана довербата во институцијата УЈП, поразговаравме со даночниот експерт, Славко Лазовски. Тој објаснува дека даночните инспектори вршејќи надворешна контрола фактички вршат проверка, утврдување и оценување на состојби што се важност по однос на даноците. Вели дека ги утврдуваат сите битни факти за оданочувањето.
-Инспекторите се слободни при одлучувањето, но оваа слобода мора да биде во согласност со материјалните даночни закони, но и со правилата кои ја регулираат даночната постапка. Инспекторот мора да точно ја одмери границата меѓу даночните совети кои е слободен да му ги даде на даночниот обврзник и податоци кои претставуваат даночна тајна кои смее да ги даде само на неговиот првопретпоставен и никому друг, ниту на директорот на Регионалната дирекција, ниту на генералната директорка на УЈП, а најмалку да ги споделува со даночниот обврзник кои се предмет на надворешната контрола, објаснува Лазовски за „Локално“.

Славко Лазовски/Фото: Локално
Според него, доколку е некој од надредените, а не е оној кој му го дал налогот за контрола, инспекторот е должен тајно, без никој да биде известен за тоа.
-Да сочини Службена белешка, доколку е согласен на тоа, вториот инспектор,што бил со него во контрола. Доколку нема согласност меѓу овие двајца инспектори кои биле во контрола за сочинување на Службена белешка, тогаш секој од нив сочинува ИЗЈАВА, со точен опис и наведување на точното време која се заверува кај нотар. Службената белешка, односно Изјавата се чувават за „Не дај Боже“. Со Службената белешка или Изјавата, одговорноста се сели на оној кој ја побарал информацијата. Но, за жал, оваа материја требаше да се уреди со Правилник, како подзаконски акт на законот за даночната постапка, иако никогаш не е донесен. Кои информации му биле презентирани на даночниот обврзник не е предмет на мое разгледување затоа што, се разбира, не располагам со тие информации, истакнува Лазовски.
Соговорникот, сепак, смета дека во никој случај не е разнишана довербата во националното даночно тело. Потенцира дека УЈП е голема и значајна национална институција и неа не ја сочинуваат еден, двајца или неколкумина државни службеници.
-По ова УЈП ќе излезе уште посилна и поправичана. Немили настани се случувале во минатото низ целиот свет и преполна е даночната историја со исти и слични, па и многу понепријатни настани.
Корупцијата е смртен непријател на нашето опстојување. Борбата против корупцијата во областа на даноците е неминовна и бара многу поширок пристап, почнувајќи од даночната регулатива, завршувајќи до последниот вработен во УЈП, додава Лазовски и надополнува:
-Одговорно тврдам, ако некој ми го дозволува тоа право по изминатиот цел работен век меѓу даноците и даночниците, корупцијата во даноците е „детска играчка“ во однос на коруптивните случувања во другите области. Но, тоа не значи повлекување, замижување или предавање, туку како што ги подучувам младите колеги, дека треба вклучување на „трета смена“ во средувањето на даноците. По ова, очекувам УЈП да светне во полн сјај и силно да ги приграби најдобрите практики на земјите-членки на ЕУ, заклучува даночниот експерт.

Кочанската дискотека „Пулс“/Фото: Принтскрин
Обвинителството отворило уште една предистрага за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Првиот човек во Обвинителството, Љупчо Коцевски, не откри детали, но посочи дека се проверувале повеќе дејствија. Опфатени биле и инспектори од УЈП и од други институции. Коцевски посочи дека со завршување на обвинението не значело дека завршила и постапката за пожарот во дискотеката. За пораките изнесени од неодамна, рече дека не биле ништо ново, тие биле испратени до одбраната, до судот и до полицијата. Ветува дека докрај ќе ги испитаат сите сомнежи.
-Сите овие пораки се испратени до одбраната, до судот, ги имаше и МВР. Но, тоа се многу малку пораки во однос на она што Обвинителството располага во моментов, и има таму можеби уште десетина инкриминирани дејствија. Што значи постапката воопшто не е затворена не само во однос на УЈП туку и во однос на други институции. Политиката е една работа, а работата на ЈО е сосема друга, изјави Коцевски.
Дали обвинителството ќе истражува евентуални влијанија врз постапката, Коцевски уверува дека нема да се пропушти ниедно инкриминирачко дејствие.
-Тајна е постапката, не можеме да кажеме кои се сторители, но кажав на почеток, ова е ерозија на системот. Обвинителите нема да пропуштат ниту едно дејствие, ниту потенцијален сторител што извршил инкриминирани дејствија а да не биде опфатен со истрага, дополни Коцевски.
Обвинението за пожарот во „Пулс“, каде загинаа 62 лица, а голем број беа повредени, се очекува да биде оценето до крајот на неделава.
Н.П.