„Денес живееме во време кога дигиталните решенија не се прашање на избор, туку на опстанок и на напредок. Западен Балкан не смее да биде заостанат агол на Европа. Нашата иднина е поврзаност, иновации и знаење. Овој Самит е симбол на токму тоа – регионот покажува дека знае да работи заедно, дека може да создава заеднички дигитален пазар и дека може да биде дел од Европската дигитална декада. Денес зборуваме за една тема што не е само технолошка промена, туку суштинска револуција која ја обликува иднината на сите нас – дигитализацијата. „Светот се менува со технологијата побрзо отколку што се менуваме ние самите,” рече еден современ мислител. Затоа нашата задача е не да го следиме тој напредок, туку да бидеме негови лидери“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на почетокот на Западнобалканскиот дигитален самит 2025 кој се одржува во Скопје.
Премиерот истакна дека дигитализацијата е нашиот начин да ја победиме таа инертност и да ја претвориме земјата во вистински сервис на граѓаните.
-Со дигитализацијата ја рушиме нееднаквоста меѓу оние кои имаат пристап и оние кои се оставени на маргините. Кога секој граѓанин ќе може со еден клик да добие документ, тоа е вистинска демократија. Кога секој земјоделец може брзо да добие субвенција, тоа е правда. Кога секоја компанија може дигитално да аплицира за проект, тоа е развој, порача Мицкоски.
Премиерот потсети на времето кога го подготвувал својот докторат.
„Кога надвор од земјата го подготвував докторатот пред едно 20 години и повеќе и кога го подготвував експерименталниот дел од докторатот, тогаш за прв пат почнавме да применуваме алгоритми од вештачка интелигенција. Тогаш имаше три невронски мрежи, генетски алгоритми и фази логика. Јас одбрав да ја користам фази логиката како алгоритам, за да управувам манипулациони роботи во технолошки процес. И во тоа време тоа претставуваше озбилен, сериозен предизвик за мене како млад стипендиста којшто ја напушти Македонија и гладен за знаење отишол надвор од државата. Кога се вратив желба ми беше тоа знаење да го пренесам на студентите. А денеска како претседател на Владата, желба ми е како држава и како влада да бидеме најдобри во регионот, и јас сум убеден дека до крајот на овој мандат тоа и ќе го направиме“, нагласи меѓу другото Мицкоски.