Демократската унија за интеграција ја информира јавноста дека нејзиниот претседател, Али Ахмети, на 17 октомври, последниот ден од изборната кампања, одлучил да ги откаже сите планирани партиски активности и да учествува на националниот протест во Тирана, свикан од организациите на ветерани од војната на ОВК.
„Протестот ќе се одржи на плоштадот „Скендербег“ во Тирана, со почеток во 17:00 часот, под мотото: „Правда за ослободителите, против неправдата во Хаг“. Ахмети, кој беше присутен и на протестот организиран во Приштина, во својство на коосновач на Ослободителната војска на Косово, ја прифати поканата на организаторите да биде дел од овој голем национален протест“, се наведува во соопштението.
„За ДУИ и нејзиниот претседател, борбата на албанскиот народ предводена од Ослободителната војска на Косово беше праведна, неопходна и поддржана од целиот демократски, западен и слободољубив свет. Последиците од војната и безбројните судски процеси, домашни и меѓународни, јасно ја докажаа искреноста на таа борба за слобода, демократија и независност“, велат од ДУИ.
„ДУИ нагласува дека правдата за албанскиот народ не може да се гради врз политички процеси наметнати од Русија, ниту врз „докази“ измислени од Србија. Претседателот Ахмети е составен дел од борбата за слобода на албанската нација и поради оваа причина силно го поддржува протестот што го свикаа организациите што произлегоа од војната на ОВК, со откажување на сите изборни активности на партијата“, се додава во соопштението на партијата од Мала Речица.