Советот за оцена на обвинителен акт при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по обвинението К-ООА бр.155/25, поврзано со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, по исполнување на сите законски предвидени услови, донесе Решение со кое обвинителниот акт се одобрува во целост.
Од Кривичниот суд денеска информираат дека како што е наведено во сите претходни соопштенија и медиумски одговори, со цел доследно, точно и навремено известување на јавноста, Судот во конкретната постапка ги ангажираше сите расположливи ресурси за навремено и законито постапување, за да не се создадат непотребни пропусти кои би ја компромитирале постапката.
Поради тоа, како што велат од Кривичен, потребно е јавноста да го има хронолошкиот тек на постапката.
-Врховниот суд на РСМ на 25.06.2025 година донесе решение КР–35/25 со кое за стварно и месно надлежен за постапување по обвинителниот акт се определува Основниот кривичен суд Скопје, ценејќи дека по предметот треба да постапуваат „судии со стекнато искуство и познавање на кривичната материја кои ќе овозможат ефикасно, стручно и законито постапување, а воедно ќе придонесат за сензибилизирање на јавноста, се вели во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.
Оттаму посочуваат дека додека советот веќе постапуваше по предметот, на 15 јули 2025 година Јавниот обвинител на РСМ до Основниот кривичен суд Скопје достави решение со кое за стварно и месно надлежно обвинителство за постапување по обвинението поврзано со пожарот се определува ОЈО Скопје.
-Со оглед дека станува збор за обвинителен акт во кој што има 37 обвинети лица кои што имаат 33 бранители, беше исклучително тешко да се достави обвинителниот акт до сите нив, особено од причина што на голем дел од нив мерките притвор беа заменети, па во моментот на достава Претседателот на советот за оцена имаше потешкотии да може да утврди кој обвинет каква мерка има и каде се наоѓа за да може да се изврши доставата. Особено потешкотии имаше и доставата на делот од бранителите на кои и покрај тоа што им се најавуваше терминот на достава, сепак истите не беа пронајдени во нивните канцеларии. Доставата ја вршевме преку судските служби на Основен кривичен суд Скопје, сѐ со цел да не се одолговлечи истото доколку оди по редовна пошта, се наведува во соопштението од Кривичен.
За пожарот во „Пулс“, во Обвинителството за гонење организиран криминал, истрага и анализа на обезбедените докази се води и за 29-мина полициски службеници. Наскоро се очекува обвинението и за нив.
Управата за јавни приходи суспендираше инспектори поради сомнежи за поврзаност со трагедијата во „Пулс“, сè додека трае постапката.