Алексиќ: Министерка во владата на Груевски, обвинета за „штелување на избирачкиот список“, нова Комесарка на ЕКСПО 2027

Претседателот на српската партија „НПС“ објави дека Томовска била обвинета во Македонија за учество во „штелување со избирачкиот список“

од Nikola Popovski
79 прегледи Фото: Фејсбук профил на Марта Арсовска Томовска

Претседателот на партијата „Narodni pokret Srbije“, Мирослав Алексиќ, напиша на социјалната мрежа „X“ дека Марта Арсовска Томовска, поранешна министерка во Владата на екс-премиерот Никола Груевски е комесар на ЕКСПО 2027 во Србија и дека нејзиниот ангажман е симбол на „коруптивен проект со кој владата ги расипува јавните пари“.

Алекиќ оцени дека организацијата на ЕКСПО 2027 е „катастрофална за државата и корисна само за корумпираниот режим“, пренесуваат српските медиуми.

„Додека државата нема пари за здравство, образование, земјоделство и социјална заштита, пари се фрлаат на овој проект за да може елитата на Вучиќ да украде повеќе пари на луѓето пред да падне од власт“, ​​напиша тој на „X“.

Според него, огромна сума пари била потрошена за лобирање, Србија да стане домаќин на Експо, а подоцна земјите да одлучат да учествуваат.

Една од клучните фигури, тврди Алексиќ, е токму Арсовска Томовска, против која, како што тврди, се воделе истраги.

„По падот на Груевски, Томовска се преселила во Србија и станала советник во кабинетот на Ана Брнабиќ за реформа на јавната администрација, а подоцна била назначена за комесар на ЕКСПО 2027“, објаснува претседателот на „НПС“.

Алексиќ ги нагласил и нејзините блиски врски со Сузана Васиљевиќ, наведувајќи дека Томовска била обвинета во Македонија за учество во „штелување со избирачкиот список“.

„Оваа државјанка на Македонија е важен дел од системот на Вучиќ, за кој малку се знае, но очигледно е дека собрале експерти за кражба од регионот“, порачува тој.

Во 2018 година, во дел од медиумите беше објавено дека во телефонски разговор од 26 март 2013 година во предметот „Титаник“ на СЈО, екс-министерот Миле Јанакиески ѝ врти токму на Арсовска Томовска и ѝ бара список на сите вработени во државна и јавна администрација кои живеат во Општина Центар.