Лидерите на Западен Балкан ќе се соберат во понеделник во Драч на самитот на иницијативата Брдо-Бриони, а главна тема е европската перспектива на Западен Балкан, со посебен фокус на Планот за раст за регионот.
Процесот Брдо-Бриони е заедничка словенечко-хрватска иницијатива започната во 2013 година, а нејзини членови се Србија, Албанија, Црна Гора, Македонија, Босна и Херцеговина и Косово.
Како што објави словенечката агенција СТА, самитот во Драч го организираат претседателите на Словенија и Хрватска, Наташа Пирц Мусар и Зоран Милановиќ, а ќе претседава претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
СТА известува дека и други регионални лидери го потврдија своето учество на состанокот во Албанија – македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова, претседателката на Косово Вјоса Османи, претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ, членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ и претседателот на Србија Александар Вучиќ, соопшти Кабинетот на словенечкиот претседател.
Иницијативата Брдо-Бриони има за цел да ја поттикне меѓусебната соработка во регионот и да го олесни патот кон ЕУ. Овогодинешниот состанок ќе се одржи под мотото „Заеднички интереси, заедничка посветеност кон заедничка иднина: заедно кон ЕУ“.
Во согласност со најавите од Љубљана, Словенија уште еднаш ќе нагласи на самитот во Драч дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е најефикасната геополитичка алатка за обезбедување стабилност, мир и безбедност во регионот.