По уште еден голем руски напад врз Украина во неделата со беспилотни летала, бомби и ракети, претседателот Володимир Зеленски го критикуваше недостатокот на „вистински одговор“ од страна на Западот.
„За жал, нема соодветен, силен одговор од светот на сè што се случува“, рече Зеленски во своето дневно видео обраќање, осврнувајќи се на обемот и дрскоста на нападот.
„Токму затоа Путин го прави ова: тој едноставно му се смее на Западот, на неговиот молк и на недостатокот на решителни контрамерки“.
Зеленски истакнува дека Москва досега ги отфрлила сите предлози за прекин на војната или барем запирање на нападите.
„Русија отворено се обидува да уништи цивилна инфраструктура, а сега, пред зимата, ги таргетира гасната инфраструктура, производството и преносот на електрична енергија“, рече тој.
Руската војска ја нападна Украина преку ноќ со 53 ракети и неколку бранови беспилотни летала. Пет лица беа убиени, а 18 беа ранети. Зеленски, исто така, се осврна на фактот дека руските беспилотни летала за напад содржеле компоненти „добиени од западните земји и неколку земји соседи на Русија“.
Тој изрази чудење што, дури и по повеќе од три и пол години војна, сè уште не е јасно како да се запре снабдувањето со овие критични делови.
„Речиси 500 дронови што Русите ги користеа изминатата ноќ содржат повеќе од 100.000 компоненти произведени во странство“, наведе Зеленски како пример.