Општеството со почит или потценување кон просветниот работник: Дел од наставниците работат втора професија за да преживеат

Најблагородната професија со загрижувачки социјален статус: Наставниците се оптоваруваат со работи кои се споредни, потребна Национална стратегија за образование

од Бисера Трајковска
31 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/ТВ Сител

Предизвици и потреби на наставниците, кои многу често се тема на разговор на надлежните институции, деновиве засилено беа во фокусот на јавноста, по повод 5 Октомври – Светскиот ден на наставниците. Подобри работни услови и исполнување на сите работнички права, освен надлежните, периодов неуморно ветуваат и кандидатите за градоначалници во нивната изборна кампања. Сепак, со оглед на очигледните недостатоци и во наставничкиот и генерално во образовниот процес – класови со се помалку ученици, недоволен број на паралелки, недостиг на учебници по странски јазици, останува неизвесно колку од овие ветувања, реално ќе бидат исполнети во пракса.

Говорејќи за предизвиците со кои се соочуваат наставниците, претседателот на Самостоен синдикат за образование, наука и култура, Јаким Неделков во разговорот за „Локално“ вели дека генерално, во јавноста е паднато нивото на почитување на просветниот работник во општеството. 

Како причина за ова, тој ги наведува реформите кои се прават во образованието, со кои наставниците се повеќе се оптоваруваат со работи кои се споредни, од административен карактер, а не се дирекно поврзани со работата.

Токму ова, како што вели, го оптоварува наставникот и не му дозволува максимум да се посвети на наставниот процес.

-Во делот на социјалниот статус, наставниците и вработените во образованието мора да имаат многу повисок социјален статус, да ги добијат заслужените плати, затоа што оваа професија е многу важна, рече Неделков.

Тој е на ставот дека токму од тука произлегува немотивираноста кај дел од наставиците, кои заради нискиот социјален статус и релативно ниските плати, не го даваат својот максимум, а дел од нив се приморани да работат и втора работа како би можеле да преживеат.

-Работиме на подобрување и на условите за работа, на подигање на социјалниот статус и на платите на наставниците. Како Синдикат се залагаме токму за овие работи, незаборавајќи го најважното – сигурност на работното место, рече Неделков.

Тој го потврди и фактот дека поради зачестеното иселување на семејствата надвор од државата, се намалува бројот на запишани деца во училиштата, па се работи на тоа да не се дозволи ниту еден просветен работник да не остане без работно место.

Фото: Фејсбук/Принтскрин/ТВ 21

Неделков е на ставот дека треба да се донесе Национална стратегија за образование. Оваа стратегија, како што појаснува, треба да се донесе со консензус, и без разлика која политичка опција да биде на власт, истата ќе мора да се спроведува.

-Сега ние имаме ситуација на менување на министри на неколку години и на постојано воведување на нови реформи, затоа не ретко се создава хаос во наставните планови и програми. Наставниците тука имаат проблем, рече Неделков.

Потребно е, вели Неделков, создавање на стабилен образовен наставен програм, каде што наставниците однапред, во определени временски чекори, ќе знаат на кој наставен програм ќе се работи.

Тој е на ставот дека се потребни реформи во Педагошките факултети, кои ќе овозможат и практична работа на идните наставници или професори.

– Не треба да се доведуваме во ситуација дипломирани наставници или професори да имаат многу малку практична настава на факултетите, па потоа да имаат проблем првите години на работното место. Потребно е и воведување на нови методи и техники на работа, поврзани со инклузија на работа со децата со пречки во развој. Не секогаш имаме луѓе кои што се компетентни за ова, рече Неделков.

Тој го наведе и проектот на кој работат, а кој е поврзан со едукација на наставници кои се заинтересирани вештачката интелигенција да ја применат во наставата.

-Сметам дека вештачката интелигенција ќе им ја олесни работата на наставниците, ќе имаат повеќе простор за работа поблиску со учениците. Мислам дека повеќе ќе може да се одвива индивидуалната настава „наставик-ученик“. Со ова, конечно можеби ќе има повеќе време за една воспитна компонента, која се чини дека е загубена и дека училиштата служат само за образование, а воспитанието се изостанува, вели Неделков.

Коментирајќи ги актуелните најави во изборната кампања од страна на кандидатите за градоначалници, дека ќе инвестираат во поквалитетно образование за учениците и во подобри услови во училиштата, Неделков посочи оти е оптимист и сака да верува во овие ветувања.

-Јас сум отпимист и сакам да верувам во она што се кажува, или во барем 50 проценти од тоа што се кажува. Лично, немам впечаток дека е огромен бројот на училишта кои што се во некаква руинирана состојба. Напротив, сметам дека инфраструктурата во голем дел од училиштата е добра и има добри услови за работа. Сметам дека најмногу треба да се обрне внимание на изградба на нови капацитети на детски градинки, рече Неделков.

Тој смета дека е сериозен проблемот со малиот број на запишани деца во предучилишната возраст. 

-Тоа ни е и забелешка од Европската Комисија. Има над 30 проценти запишани деца во предучилишното образование, што е исклучително мал процент. Истовремено, има големи редици на чекање на списокот во градинките, а од друга страна бројот на деца во руралните средини е двојно, па и тројно зголемен во однос на законските пропишани бројки, додаде Неделков.

Претседателот на СОНК е на ставот дека освен во училишното, идните градоначалници треба многу повеќе внимание да посветат и на предучилишното воспитание и образование.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска вчера на одбележувањето на Светскиот ден на наставниците, најави дека Владата презема бројни активности почнувајќи од социјалниот статус со покачување на нивните плати и давање на сигурност дека во следните четири години тие не треба да се грижат за својата плата. Најави и изградба на инфраструктурата, како и овозможување на подобри услови за работа.

Б.Т.