Шефот на „Рајанер“ тврди: „Виз Ер“ ќе пропадне

Во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела Сера“, познатиот ирски бизнисмен отворено зборуваше за финансиските проблеми на своите конкуренти, но и за состојбата на пазарите во Италија, Шпанија и пошироко во Европа.

од Vladimir Zorba
20 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

Извршниот директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, повторно ја потресе европската авијациска сцена со своите остри изјави. Во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела Сера“, познатиот ирски бизнисмен отворено зборуваше за финансиските проблеми на своите конкуренти, но и за состојбата на пазарите во Италија, Шпанија и пошироко во Европа.

Според него, Европа се соочува со нова фаза на консолидација, во која „некои компании ќе исчезнат, а други ќе бидат поделени меѓу големите“.

„Виз Ер“ е во проблеми, „Изи Џет“ не расте“, смета О’Лири.

Повод за интервјуто беа неодамнешните банкроти на исландската компанија „Плеј“ и шведската „Братенс“, по што О’Лири предупреди дека уште неколку европски авиокомпании би можеле да престанат со работа до Божиќ.

„Постојат голем број превозници кои се претставуваат како нискобуџетни превозници, но всушност работат со високи трошоци. Мислам дека „Виз Ер“ е во сериозни проблеми“, изјави О’Лири за „Кориере дела Сера“.

Тој додаде дека „Изи Џет“ „не е во проблеми, но повеќе не расте“, оценувајќи дека стагнацијата и ограничената мрежа на дестинации го прават британскиот превозник ранлив на преземање.

Во истото интервју, О’Лири, исто така, даде предвидување за можниот исход:

„На среден рок, верувам дека Ер Франс-КЛМ ќе ги купи операциите на „Изи Џет“ во Париз и Швајцарија, додека „Бритиш Ерлајнс“ би можел да ги преземе неговите рути од аеродромот Гетвик.“

Критика кон „Виз Ер“: „Модел кој не функционира без раст“

Зборувајќи за „Виз Ер“, О’Лири беше уште подиректен.

Тој го обвини унгарскиот превозник дека продава авиони за време на пандемијата, а потоа ги зема на „вет лизинг’ по повисоки цени, што изгледаше како профит на краток рок, но всушност беше, како што рече, „како Понзи шема“ – модел кој функционира само додека компанијата расте.

Неговите тврдења доаѓаат во време кога  „Виз Ер“ поминува низ период на намалена добивка и реструктуирање на мрежата.

Компанијата забележа пад на нето добивката за 42 проценти, а оперативната маржа се намали за 5,4 проценти во текот на летото, делумно поради приземјувањето на речиси една петтина од нејзината флота поради проблеми со моторите на Pratt & Whitney GTF.

„Виз Ер“ ја затвори својата база во Абу Даби оваа година, го намали своето присуство на Блискиот Исток и го ревидираше својот план за проширување, вклучително и значително намалување на нарачката за авиони Airbus A321XLR – од 47 на 15.

Критика за аеродромските даноци

О’Лири, исто така, го искористи интервјуто за да ги повтори старите пораки за трошоците на аеродромите, за кои вели дека го попречуваат растот на нискобуџетните превозници.

Тој рече дека „Рајанер“ приземјил еден авион од својата база во Рим (Фјумичино) поради високите трошоци и ги повика италијанските власти да го укинат „дополнителниот комунален надомест“ – локална доплата на авионските билети.

Тој ги пофали регионите Сицилија, Калабрија и Фриули-Венеција Џулија, кои веќе ја укинаа мерката, додавајќи дека „Рајанер“ има „над милион седишта што може веднаш да ги додели на Италија доколку се намалат трошоците“.

Слични содржини