Се вклучувам во политиката затоа што чувствувам незадоволство за се што негативно се случува во Скопје во изминатиот период, Сите гледаме во каква лоша состојба се наоѓа нашето Скопје, а се поради катастофалното менаџирање со градот, вели во интервју за „Локално“, генералот Горанчо Котески, носител на советничката листа на ЗНАМ во Советот на Град Скопје.
На овие избори, вели тој, очекувам да победи визијата за поубаво Скопје, за Скопје што ќе биде вистинско огледало на Македонија – урбано средено, со нормално функционирање на градските служби кои треба да бидат вистински сервис што ќе служи на граѓаните.
Со оглед на големиот број коалиции, но и поради неколкуте независни листи, запрашан дали можеби како партија и коалиција очекуваат кандидатот Орце Ѓорѓиевски да стане градоначалник, но да го „изгубат“ Советот, Котески вели дека не би требало да дојде до такво нешто.
-Затоа што во изминатите 15-16 месеци партнерство на централно ниво покажа дека нашите две партии – ЗНАМ и ВМРО – ДПМНЕ се целосно подготвени да преземат одговорност за успешно функционирање во градот. Орце Ѓорѓиевски ќе биде иден градоначалник, верувам во тоа, не само затоа што ќе добие целосна поддршка од нас. Очекувам јасно мнозинство да имаме и во Советот, истакнува Котески.
Како дел од најавите мерки, носителот на советничката листа на ЗНАМ за Град Скопје вели дека веќе е време да никне и првата фабрика за преработка на ѓубрето од кое ќе се произведува електрична енергија. Според Котески, движењето ЗНАМ за тоа веќе разработува конкретен план, кој по изборите ќе го понудат да се реализира.
Генерал Горанчо Котески беше деветти началник на Генералштабот на АРМ. Речиси целиот живот сте дел од одбраната и безбедноста на државата. Што ве натера да влезете во политиката? Која е вашата мотивација?
– Не се вклучувам во политика за политичка кариера или други бенефиции , имам енергија која произлегува од моето животно и професионално искуство и истото може да придонесе да имаме поорганизирано, почисто и побезбедно Скопје.
Мојот интегритет ,мојата лојалност кон државата и успехот, се само добра поддршка во остварување на моите заложби за поубаво Скопје.
Како генерал во животот сум поминал низ многу ситуации и сум бил на многу одговорни функции. Пред себе сум имал многу предизвици кои успешно сум ги решил, едноставно човек кога пред себе ја има поголемата слика тогаш подобро може да ги запознае и подреди малите делови од сликата.
Се вклучувам во политиката затоа што чувствувам незадоволство за се што негативно се случува во Скопје во изминатиот период, Сите гледаме во каква лоша состојба се наоѓа нашето Скопје, а се поради катастрофалното менаџирање со градот.
Но, пред се се вклучувам затоа што Движењето ЗНАМ – за наша Македонија, е млада партија, партија која државните интереси ги става над партиските, а мојот идеолошки код се совпаѓа со идеологијата, вредностите и принципите што се промовираат од Движењето како политичка партија.

Фото: Официјален Фејсбук профил на Движење ЗНАМ – За Наша Македонија
Поставен сте за носител на советничка листа на ЗНАМ за Советот на Град Скопје. Како дојдовте до одлуката и што сметате дека можете да промените во Градот од вашата позиција?
– Одлуката да бидам носител на советничка листа за град Скопје донесена е едногласно и во демократска партиска процедура од страна на органите на партијата. Проценката на моите сопартијци од ЗНАМ e дека сум најадекватен кандидат од нашите редови да ја предводам советничката листа за главниот град. Верувам и ќе дадам се од себе, а да ја оправдам таквата доверба.
Како идна советничка група во Советот на град Скопје, можеме да придонесеме и ќе се бориме за поорганизирано, почисто, поурбанизирано и побезбедно Скопје. Скопје кое ќе го врати сјајот од минатото, сјај и убавина што некои во последните неколку години – опасно се уништени. И, не само тоа – загрозено се некои од виталните функции на градот – нешто што претставува сериозен проблем за живеењето на скопјани. Ние, тоа ќе го исправиме.
Сите знаеме што се се случуваше во претходниот мандат на Советот на Град Скопје…Очекувате ли да продолжат блокадите налик на тоа што имаше во претходните четири години?
– На овие избори очекувам да победи визијата за поубаво Скопје, за Скопје што ќе биде вистинско огледало на Македонија – урбано средено, со нормално функционирање на градските служби кои треба да бидат вистински сервис што ќе служи на граѓаните. Очекувам да победи визијата на ЗНАМ за Скопје во кое навистина ќе има поквалитетен живот за сите што живеат во него или по најразлични причини секојдневно влегуваат и излегуваат од него. А, такви не се малку. Што вели народот – половина Македонија.
Доста е од блокади. Доста е инаетење преку грбот на граѓаните. Кој и да го има мнозинството – а јас верувам дека тоа ќе бидат коалициските партнери ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, кој и да биде во опозиција, ќе треба да размисли што ќе донесе каква било блокада во работењето на Град Скопје. Време е целосно да се посветиме за доброто на скопјани.
За 45 советнички места на изборниот натпревар во Град Скопје има 19 листи со вкупно 855 кандидати. Со оглед на големиот број коалиции, но и поради неколкуте независни листи, дали можеби како партија и коалиција очекувате Орце Ѓорѓиевски да стане градоначалник, но да го „изгубите“ Советот?
Искрено, не очекувам. Затоа што во изминатите 15-16 месеци партнерство на централно ниво покажа дека нашите две партии – ЗНАМ и ВМРО – ДПМНЕ се целосно подготвени да преземат одговорност за успешно функционирање во градот. Орце Ѓорѓиевски ќе биде иден градоначалник, верувам во тоа, не само затоа што ќе добие целосна поддршка од нас. Очекувам јасно мнозинство да имаме и во Советот, но без разлика на тоа – ќе се заложиме за градење на единство и компромис со сите останати советници и советнички групи, се во интерес на граѓаните.

Фото: Официјален Фејсбук профил на Движење ЗНАМ – За Наша Македонија
Неколку години најактуелен е проблемот со загадувањето, а не изостанува и проблемот со ѓубрето во кој што се „гуши“ главниот град. Евидентно е дека граѓаните се разочарани и изморени од ветувања. Како партија какви конкретни мерки предвидувате за градот да „добие нови бели дробови“?
– Дефинитивно, загадувањето е најкомплексен проблем во градот Скопје. Земајќи ги во предвид причините и причинителите за загадениот воздух ќе иницираме и ќе се заложиме итно затворање на Вардариште и претворање во парк со претходно преземање на технички мерки. Нема да дозволиме да се повторат слики како последните месец-два, кога, поради разни нелегални активности, се подигаше густ црн чад што го труеше Скопје.
Ќе се заложиме и за тоа големите индустриски капацитети да се гасифицираат и да користат гас наместо други материјали во текот на производниот процес. Со што во голема мерка ќе го ослободиме воздухот од ПМ честичките чија концентрација во доцна есен и зима е опасна по животот за скопјани.
Понатаму, за приватните домови ќе се заложиме за доделување на субвенции во модернизација на затоплувањето истото да биде со топлотни пумпи со печки на палети. А, ќе ги стимулираме, доколку има можност, да се приклучат и на централниот систем на греење.
Време е веќе да никне и првата фабрика за преработка на ѓубрето од кое ќе се произведува електрична енергија. Движењето ЗНАМ за тоа веќе разработува конкретен план, кој по изборите веднаш ќе го понудиме да се реализира.
Ќе бараме пополнување и одговорна работа на инспекциските служби и строго казнување на сите што не ги почитуваат прописите.
Објавивте на социјалните мрежи дека градскиот превоз е една од најтешките работи кои Скопје ги носи на грб. Исто така информиравте дека редовно ги користите услугите на ЈСП. Како планирате да го средите проблемот? Што би направиле прво за да се види јасна промена?
– За да се види јасна промена потребна е набавка на автобуси и воведување на нови автобуски линии. Кажано со други зборови, да се воведе систем со кој ќе се обезбеди квалитетен одржлив јавен превоз кој примарно ќе биде навремен.
Со набавка на нови автобуси, потребно ќе биде да се обезбеди и континуирано одржување, сервисирање и хигиена на автобусите, кое ќе ги одржува на високо стандардизирано ниво. Нешто што сега очигледно го нема.
Ќе се заложиме за воведување на жолта лента на булеварите која ќе биде во функција од Лисиче до Ѓорче Петров. Жолтата лента ќе ја користат автобусите на јавниот градски превоз, таксистите, како и возилата со приоритет, додека истата ќе биде забранета за останатите учесници во сообраќајот и строго ќе бидат санкционирани ако се обидат да ја злоупотребат. Со оваа мерка ќе се постигне поголема безбедност и навременост на градскиот превоз, а граѓаните повеќе ќе го користат истиот, наместо сопствените возила. Што би резултирало и со сериозно намалување на сообраќајниот метеж во градот.
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реши да настапи самостојно на претстојните локални избори со свои листи за советници во повеќе од 53 општини и одлучи да има кандидати за градоначалници само во две општини. На што се должи ваквата одлука? Со оглед дека како кандидати за советници имате доктори, професори, инженери, спортисти и угледни луѓе од сите области, не сметавте ли дека ќе добиевте поголема поддршка и во трката за градоначалници?
– Ние на избори не одиме за да се натпреваруваме, туку и да победиме. Деталните анализи и истражувањата што ги направивме во изминатиот период покажаа дека најсериозни шанси за победа имаме во најголемата општина во Македонија – Куманово и во најважната во главниот град – Центар.
Како Движење ЗНАМ – за наша Македонија првпат учествувавме на локални избори. Како партија во подем сметаме дека е потребно структурно да се изградиме и полека да го освојуваме политичкиот терен. Ние сме партија од граѓаните и за граѓаните и затоа убедени сме дека ќе победиме и во трката за градоначалници и во трката за советнички листи. По овие избори ќе се покаже дека дефинитивно ќе се етаблираме како сериозен политички фактор без кого ништо во државата нема да може да се одлучува.
Н.П.