Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги најостро го осудува говорот кој главниот и одговорен уредник на „burevеsnik.info“ Зоран Божиновски го користи во своите објави на социјалната мрежа Фејсбук, насочен кон новинари и новинарки.
-Изразите што Зоран Божиновски веќе подолг период ги употребува се крајно вулгарни и недостојни за било каква јавна комуникација. Нивната единствена цел е груб напад, дискредитација и понижување на медиумските работници.
Во неговите објави нема аргументи – постојат само навреди и клевети, со што директно се рушат етичките стандарди и професионалните норми кои се основа за функционирање на демократските медиуми. Таквиот однос е во целосна спротивност со основните принципи на пристојна и одговорна јавна комуникација, велат оттаму.
Според АВМУ, со упорното непочитување на достоинството на новинарите и новинарките, Божиновски придонесува за создавање на непријателска средина, која лесно може да доведе до притисоци, заплашувања, говор на омраза, а во најтешки случаи и до физичко насилство.
-Агенцијата остро го осудува ваквото однесување и ги повикува сите чинители во јавната сфера да преземат одговорност, да покажат свест за тежината на своите постапки и да се воздржат од користење на јазик што служи единствено за навреда, омаловажување и поттикнување омраза кон медиумските работници, стои во соопштението од АВМУ.
Пред неколку дена, Управниот одбор на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), постапувајќи по предлог на Советот на честа при ЗНМ, донесе одлука за исклучување на Божиновски од членството на ЗНМ поради прекршувања на повеќе членови на Етичкиот кодекс на новинарите. Одлуката е донесена поради тешки и повторливи повреди на Етичкиот кодекс – преку серии неодамнешни објави што поттикнуваат родово базирано вознемирување кон новинарки и го нарушуваат угледот и приватноста.
-Освен ова, овие објави иницираат малициозни коментари со што се поттикнуваат и охрабруваат други лица да шират говор на омраза и закани, а на тој начин се создава непријателска средина и се зголемува ризикот по безбедноста на новинарките, рекоа од ЗНМ.