Финска планира да воведе царини за сите производи увезени од Русија, изјави финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен по средбата со полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски во Варшава.
– Треба јасно да ги видиме предизвиците што претстојат. Агресивната војна на Русија против Украина не е само грубо кршење на меѓународното право, туку и напад врз принципите утврдени со Хелсиншкиот договор. Тоа е директен напад врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како и отфрлање на нормите што со децении обезбедуваат мир во Европа – напиша Валтонен во објава на социјалната мрежа X.
Таа, како што објави Дојче Веле, нагласи дека „присилните депортации, нападите врз цивили и воените злосторства“ не се само кршење на меѓународното право, туку и „напад врз самото човештво“.
Во претходна објава, финската министерка го нагласи значењето на безбедносната соработка со Полска, објави Танјуг.
– Финска и Полска се поврзани не само преку Балтичкото Море, туку и преку заедничката аспирација да ја направат Европа побезбедно и попросперитетно место. Остануваме цврсто посветени на поддршката на Украина и ослабувањето на способноста на Русија да продолжи со својата агресија – изјави Валтонен.
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски изјави дека Финска останува еден од најдоверливите партнери на Полска во ЕУ и НАТО.