Во Франција започнаа консултации за излез од кризата по ненадејната оставка на премиерот Себастијан Лекорну, кој поднесе оставка неколку часа откако беше објавена владата. Лекорну е третиот премиер кој е сменет во последните девет месеци.
Францускиот претседател Емануел Макрон „ќе ја преземе одговорноста“ доколку обидите за формирање влада не успеат, изјавија претседателски извори за разни француски медиуми.
Макрон му даде на премиерот во заминување Себастијан Лекорну рок од два дена да направи последен обид за постигнување политички консензус.
Лекорну денес се сретна со личности од претседателската коалиција пред да ги продолжи сложените преговори со десничарската партија „Републиканци“. Нивниот лидер и поранешен министер Бруно Ретајо изјави дека сојуз е можен само ако новиот премиер не е од околината на Макрон.
Лидери на крајната десница, Жордан Бардела и Марин Ле Пен, категорично ја одбија средбата и повторно инсистираа на распуштање на Националното собрание, додека социјалистите побараа следниот премиер да биде од нивните редови.
Критиките кон претседателот Макрон не беа поштедени од политичарите блиски до него. Поранешниот премиер Габриел Атал изјави дека не ги разбира потезите на претседателот, а неговиот претходник како премиер, Едуар Филип повика на предвремени претседателски избори откако ќе се постигне договор за буџетот.
Политичката криза, која веќе влијаеше на берзата, сериозно ги загрижува економските кругови.