Марковски: Отсуството на тв дебати како знак на немоќ и недостаток на визија за подобро Скопје

„Изминува и втората недела од кампањата за Локалните избори 2025, а сѐ уште нема најава за ниту една дебата помеѓу кандидатите за градоначалник на Скопје. Чиниш се работи за избор на претседател на куќен совет во некоја приградска населба“, порачува независниот кандидат за градоначалник, Горан Марковски

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: Горан Марковски

„Изминува и втората недела од кампањата за Локалните избори 2025, а сѐ уште нема најава за ниту една дебата помеѓу кандидатите за градоначалник на Скопје. Чиниш се работи за избор на претседател на куќен совет во некоја приградска населба. Оправдувањата за тоа се најразлични: од (пре)голем број пријавени кандидати,  наводна (пре)зафатеност на некои од фаворизираните, па се до целосна ,,незаинтересираност” на одредени медиуми кои, патем речено, за тоа се обврзани, а и платени“, објави проф. Горан Марковски, кандидат за градоначалник на Град Скопје, поддржан од „Независни заедно“ и „Шанса за Центар“.

Ваквата состојба, потенцира тој во својот став, помалку ме изненадува, но многу повеќе загрижува. Особено ако се земе предвид, како што вели, мојата долгогодишна успешна соработка со новинарите и постојаната достапност за гостувања, искажувања ставови, давања изјави….

-Одговорност каква што сметам дека  треба да покажат и медиумите, особено во вака значајни моменти за градот. И не се работи само за одговорност. Објективното и непристрасно информирање е и нивна законска обврска, важен влог во подобрување на демократскиот амбиент. Без разлика на моменталните околности и бројот на пријавени кандидати.

Убеден сум дека за едно демократско општество, за какво се прокламираме, е неприфатливо молчешкум да се влезе во предизборниот молк. Дебатите на националните фреквенции, за нас независните кандидати претставуваат шанса за каков-таков излез на виделина и за рамноправно одмерување на интелектуалните сили, идеите и визиите со останатите кандидати. За граѓаните дебатите се шанса за формирање пореална слика за визионерските и други капацитети на кандидатите, а за Скопје шанса да добие поквалитетен градоначалник.

Сосема ми е јасно дека е многу полесно и покомотно да се испраќаат ,,епски” пораки читани од т.н. идиот, да се одговара на однапред доставени прашања, да се дебатира сам(а) со себе, да се ветуваат брда и долини опкружени со истомисленици, да се кокетира со граѓаните преку фотошопирани насмевки од билбордите. Од оние исти билборди до кои независниот нема ниту законска можност да пристапи, дури и да реши сам да ги плати безобразно скапите тарифи. Велам сам, бидејќи за разлика од партиските, независните кандидати не добиваат скоро никаква поддршка од државата за нивно платено медиумско претставување и рекламирање, истакнува Марковски во својот став.

Според него, уште појасно е дека со укинување на дебатата, најдемократската алатка во секој изборен процес, губи демократијата, губат медиумите, губат граѓаните, губи општеството.

-Губи градот, губи државата. Губат сите. Поточно, скоро сите! Во надеж дека до крајот на кампањата ќе бидам демантиран со покана за дебата од страна на барем некој од јавните медиумски сервиси, ве уверувам дека ваквите нефер изборни услови за мене се истовремено извор на нова творечка енергија, мотив за зголемена креативност, причина за појака верба во исправноста на започнатата мисија. И што е најважно од сѐ, убеден  сум дека тие се поттик за ваша поголема поддршка, порачуча Марковски