Османи: Владата започна тотална агресија врз рамноправноста и државотворниот статус на Албанците во Македонија

Османи со обвинувања: „Од првиот ден ја започнаа војната против Охридска Македонија - се борат против сè што има врска со наследството од Охридскиот договор“

од Nikola Popovski
36 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук

Поранешниот министер за надворешни работи и актуелен кандидат за општина Чаир, Бујар Османи, упати сериозни обвинувања кон актуелната влада за време на неговото интервју за албанската „Топ чанел“. Османи изјави дека Охридскиот договор е целосно поништен, додека според него, Владата на Мицкоски врши отворена агресија врз рамноправноста и државотворниот статус на Албанците.

„Ако го слушнавте премиерот, тој самиот рече дека улогата на овие избори е да ја елиминира ДУИ од политичката сцена. Уште од првиот ден ја започнаа војната против Охридска Македонија – се борат против сè што има врска со наследството на Охридскиот договор“, изјавил Османи.

Според него, актуелната влада ги поништи трите главни столба на Охридскиот договор, вклучувајќи ја употребата на албанскиот јазик, правичната застапеност во институциите и етничкиот балансер.

„Денес албанскиот јазик повеќе не е во институциите. Тие го инструментализираа Уставниот суд за да ги поништи законите што произлегоа од Охридскиот договор. Ги исклучија Албанците од институциите и чекаат да завршат изборите за да го поништат и албанскиот јазик“, додал Османи.

Тој нагласил дека целта на кампањата против ДУИ е да се прекине секоја врска меѓу Албанците и наследството на ОВК и Охридскиот договор, кои, според него, претставуваат гордост на албанскиот народ и основа на еднаквоста во земјата.

„Се случува тотална агресија врз Охридска Македонија, против концептот на еднаквост и против државотворниот статус на Албанците“, заклучил Османи.