Партиите ја исцрпија сета доверба кај граѓаните во нивните капацитети и намери. Тие немаат избор освен напади на противникот, бидејќи се свесни дека толку пати досега излажале, што секое ветување е веќе празно. Меѓутоа оваа стратегија е неодржлива на долг рок, вели политикологот и комуниколог Иво Босилков.
Тој за „Локално“ појаснува дека токму оваа стратегија е неодржлива бидејќи создава таква апатија и демобилизација што наскоро навистина ќе нема ниту кој да се кандидира, ниту кој да гласа.
-Се наоѓаме во критичен момент на таканаречената спирала на цинизмот. Политичари од кариера како Николоски и Филипче и нивните аналитичари упорно се прават слепи за фактот дека широко мнозинство од популацијата едноставно не гледа разлика меѓу нив и одбива да гласа за било кој. Веќе се појавуваат и иницијативи како „Од Корен“, кои јавно повикуваат на поништување на гласачкото ливче и заобиколување на партиските центри на моќ преку референдуми. Мислам дека во блиска иднина ќе се случат тектонски промени на политичката сцена и движења кои никнуваат одоздола ќе ја редефинираат улогата на партиите во државава, додава Босилков.
Како што посочува, ние мораме да разбереме дека имаме системски проблем со парите во политиката и корупцијата која ја генерираат, а изборниот резултат е дефокус од овој системски проблем.
Б.Т.