Се огласи Шаини по пукањето врз него: Мојата сопруга нема никаква поврзаност

„Немам нерасчистени сметки со никого, не сум нарушил ничиј живот, приватност или интереси. Целосно ги отфрлам како невистинити тврдењата дека мојата сопруга, Арјета Адили, стои зад ова дело“, порача Шаини кој е носител на советничката листа на ДУИ во Липково

од Nikola Popovski
37 прегледи Фото: Зекирија Шаини

Докторот од Куманово и носител на советничката листа на ДУИ во Општина Липково, Зекирија Шаини, врз кој беше пукано пред неколку дена, јавно реагираше, отфрлајќи ги сите тврдења дека неговата сопруга, Арјета Адили, стои зад инцидентот. Тој нагласи дека нема сознанија за мотивите за нападот и побара истражните органи целосно да го разјаснат случајот.

„Преку оваа изјава сакам да ја откријам вистината за обидот за убиство врз мене. Во врска со веста што неодамна беше објавена на социјалните мрежи, медиумите и органите за спроведување на законот, чувствувам морална и професионална обврска јавно да реагирам за да го разјаснам мислењето“, рече Шаини.

Тој нагласи дека нема конфликти со никого и нема причина што би можела да доведе до обид за атентат врз него.

„Немам нерасчистени сметки со никого, не сум нарушил ничиј живот, приватност или интереси. Целосно ги отфрлам како невистинити тврдењата дека мојата сопруга, Арјета Адили, стои зад ова дело. Итно барам од истражните органи да ја разјаснат ситуацијата и да ја заштитат приватноста на моето семејство, особено ликот на мојата сопруга“, изјави тој.

Шаини додаде дека сè што е пласирано во јавноста преку медиумите и социјалните мрежи е клевета која, според него, има за цел да му наштети на неговиот личен и семеен углед.

По неговата реакција, докторот од Куманово апелираше и до политичарите да не ги користат ваквите случаи за време на изборната кампања.

„Апелирам до политичарите кои брзаат да го претстават овој случај пред надлежните органи како семеен спор, не само мојот случај, туку сите такви случаи, да не го гледаат во светлината на добивање политички поени во овој момент од предизборната кампања по повод локалните избори“, нагласи Шаини.

До Основното јавно обвинителство Куманово денеска е доставен кривична пријава против две лица во врска со вооружениот инцидентот во Куманово во вторникот. Кривичната пријава, како што информираа од Јавното обвинителство е поднесена против едно лице за делото загрозување на сигурноста, како и против поранешната сопруга на оштетениот за поттикнување при извршување на тоа дело.

Од Обвинителството појаснуваат дека кривичната пријава се однесува претходно испратени заканувачки пораки и закани, додека индициите за евентуална инволвираност на овие осомничени, но и на други лица во инцидентот со пукањето сè уште се проверуваат.